Пратеници на СДСМ собираат потписи Џафери да го свика Собранието

by fokus

Пратеници на СДСМ собираат потписи за да го одоброловолат претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика распуштениот парламент, потврдуваат за „360 степени“ партиски извори.

Треба да се соберат најмалку 20 потписи, но, како што се посочува, тоа не е гаранција дека Џафери ќе свика седница. Тој во неколку наврати во овој период посочи дека распуштениот парламент нема мандат да се состане повторно и да носи одлуки. Поради тоа овој собраниски состав не ја потврди ниту првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, чиј рок е веќе истечен.

Според нашите информации, Џафери е запознаен со иницијативата на пратениците на СДСМ, ама засега не бил расположен да свика седница, независно од тоа колку потписи ќе бидат собрани.

Извори од СДСМ објаснуваат дека би било добро парламентот да се состане, меѓу другото, и за да се обезбеди контрола врз одлуките на техничката влада. Како што се посочува, незамисливо е една парламентарна демократија толку време да функционира, практично, без парламент, така што сега нема ни кој да ги ратификува договорите за заеми што ги бара Владата, со цел справување со економските последици од кризата со коронавирусот.

Поврзани новости