Пратеничката на Алтернатива разочарана: Да ти е жал со кого си соработувал до вчера!

by Фокус

Да ти е жал со кого си соработувал до вчера, рече пратеничката Сафије Садики-Шаини од Алтернатива на собраниската седница за реконструкција на Владата, на која се предлага разрешување на тројца министри и заменик-министри од оваа партија, како и влегување на нови кадри од редовите Алијанса за Албанците.

Пред една година, рече пратеничката, со гласовите на Алтернатива се стабилизираше владата и Димитар Ковачевски стана премиер, а Северна Македонија и Албанија ги отворија преговорите со ЕУ.

-Ние со тогашниот претседател на СДСМ (Зоран Заев) потпишавме и објавивме еден политички договор како и еден кадровски договор, кој беше прифатен и од сегашниот премиер. Точките од тој договор, се исполнија од наша страна. За жал, другата страна, СДСМ не го имплементираше ниту политичкиот ниту кадровскиот договор и на крајот едноставно го прекршија договорот внесувајќи во мнозинството друга партија која во времето кога ние станавме дел од Владата ваквиот чекор го нарекоа политичка перверзност. Сега како се дефинира влезот на Алијанса? – рече Садики-Шаини.

Според неа, ова кршење на договорот зборува лошо за СДСМ, но и за една земја која се стреми кон европски вредност.

Таа го прозва премиерот зошто не дал ниту една причина за разрешување на министрите од Алтернатива, а на колегите пратеници им рече да расудуваат правилно и да не бидат изманипулирани за спас на кариерите на двајца функционери – Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби.

Поврзани новости