Познати имиња во конкуренција за Агенцијата за медиуми и Советот на МРТ

by fokus

Над 50 апликации пристигнале во парламентот по објавување на последните огласи за нови членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија, чиј избор за првпат треба да изврши со двотретинско мнозинство, што подразбира договор меѓу власта и опозицијата, дознава Фокус од собраниски извори.

Според информациите до кои дојдовме, за позициите во двата совети пристигнале по 26 пријави, со тоа што неколку луѓе конкурирале и за едното и за друго тело. Меѓу нив може да се сретнат најголем број од досегашните членови, но и многу нови имиња од медиумската сфера – новинари, уредници, комуниколози итн.

Имено, актуелниот директор на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски, конкурирал за член на Советот на Агенцијата, кој потоа го бира директорот. Исто така, аплицирал и сегашниот претседател Лазо Петрушевски, како и членот Зоран Фидановски, кој своевремено беше избран како предлог на Здружението на новинари.

Покрај нив, за ова тело аплицирал и поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, поранешниот директор на Канал 5 Виктор Грозданов, комуниколозите Сефер Тахири и Климе Бабунски, долгогодишните новинари и уредници Љубиша Николовски, Слободанка Јовановска, Стојанче Наумов, Горан Петрески, Шабан Далипи…

Исто така, за овие позиции конкурираат и поранешните членови на веќе непостоечката лустрациска комисија Шпенди Винца (новинар од Струга) и Даут Даути (новинар од Скопје), а внимание привлекува и кандидатурата на Магдалена Манаскова, која е поранешна пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу останатите кандидати, тука се Владимир Георгиевски (правник), Арбен Саити (информатичар), Андријана Скерлев (правник), Марјана Танушевска (економист), Гордана Мајнова (економист), Александра Тимковска (филолог), Сашо Стефановски (филмски и тв снимател), Виктор Павловски (инжинер).

Што се однесува до Програмскиот Совет на МРТ, кој потоа го бира директорот на Националниот сервис, пријава поднеле актуелната претседателка Смилја Јанеска-Саркањац, како и членовите Ведат Меметлија, Јагнула Куновска, Златко Јанкоски, Ристе Пенов, Илир Рамадани, Гајур Рамадани, Селпин Керим.

Освен нив, се пријавиле и луѓе од фелата: актуелниот претседател на Советот за етика Мирче Адамчевски, уредникот на СДК Горан Михајловски, пензионираниот новинар Веле Митановски, како и добропознатиот Томислав Кежаровски.

Воедно, за една од 13-те позиции во ова тело конкурирале и Крсто Скубев (пензионер), Хамит Хајрулаи (професор), Лаура Папранику (професор), Игор Стојанов (комуниколог), Адил Алуш (професор), Сталин Лозановски (книжевник), Радмила Заревска (филолог),  Златко Теодосиевски (историчар на уметност), Васил Христов (режисер).

Треба да се посочи дека неколку лица поднеле кандидатура и за Советот на Агенцијата за медиуми и за Програмскиот совет на МРТ. Покрај веќе споменатиот Петрушевски, во овој контекст може да се наведат Лилјана Пецова (филолог),  Петар Џуровски (филмски и тв монтажер) и Викторија Трајков (професор по англиски).

Инаку, мандатот на актуелните членови на двете тела е одамна истечен, меѓутоа тој со измена на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги е продолжен до избор на нови. И покрај обидот изборот да се врати по старо со просто мнозинство, сепак, изборот на нови членови ќе се врши според сегашните правила, усвоени по политичките промени.

Тоа значи дека главната работа треба да се заврши во Комисијата за избори и именувања, каде изборот се врши со двотретинско мнозинство, што подразбира конзензус меѓу власта и опозицијата, по што одлуките се потврдуваат на пленарна седница, исто така со двотретинско мнозинство. За изборот на новите раководни структури потребно е да се организира и јавна расправа.

Од трите најголеми партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, велат дека кај нив постои волја да се изберат соодветни членови на двете тела, меѓутоа од трите партии велат дека не се сигурни во подготвеноста кај нивните политички опоненти, што, според нив, создава ризик процесот да се пролонгира до крајот на годината.

Влатко Стојановски

Поврзани новости