Пожарот во „Глобал“ го гаснеле 61 пожарникар со 18 возила

by fokus

Гаснењето на големиот пожар во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, кој избувна синоќа во 23:12 часот, траело скоро 5 часови, а во борбата со огнената стихија учествувале вкупно 61 пожарникари со 18 возила. Пожарот е изгаснат утрово во 3:50 часот. Покрај целиот состав на ТППЕ Струмица, во гаснењето учествувале и пожарникари од Радовиш, Кавадарци, Штип и Валандово, како и цистерни од струмичкото комунално претпријатие.

Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, пожарот во „Глобал“ бил пријавен од стражарската служба, а пожарникарите стасале за 3 минути. Најпрвин избувнал во делот каде се врши доставување на стока и брзо се проширил.

-Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и беше пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување, рече Гудев.

Тој побара од граѓаните да се воздржат од негативни коментари по социјалните мрежи и да не се шири говор на омраза. Како што рече, пожарникарите својата работа ја работат спопред прописи, правила и процедури и најостро ги демантираше информациите дека пожарникарите делувале ненавремено.

И по осум часови од изгаснувањето на пожарот дежурна екипа на ТППЕ Струмица е на местото на пожарот заради догасување на одредени жаришта во приземјето каде се уште тлее.

Увид од страна на инспектори за пожари се очекува да биде извршен утре, по што треба да се знае која е причината за еден од најголемите пожари на објекти во Струмица.

Поврзани новости