Пожар во Калифорнија – илјадници лица евакуирани, 2.000 домови без струја

by fokus

Вонредна состојба е прогласена во делови на Калифорнија поради голем пожар кој се шири во близина на националниот парк Јосемит. Ова е најголем пожар во Калифорнија годинава, поради којшто се евакуирани илјадници лица, а струјата е исклучена на повеќе од 2.000 домови и деловни објекти.

Пожарот се појави во петокот попладне југозападно од паркот во близина на калифорнискиот град Мидпајнс и до вчера веќе имаше зафатено речиси 38 квадратни километри со густа дабова шума и ниска вегетација, соопшти Управата на Калифорнија за шумарство и заштита од пожари, или попозната како „Кал Фајер“.

Пожарот избувнал додека пожарникарите напредувале во борбата со вториот пожар што горел во близина на огромните секвои во најјужниот дел на паркот Јосемити.

Вчера беа издадени наредби за евакуација на повеќе од 6.000 лица кои живеат во областа која се протега на неколку километри во ретко населената рурална област, јави портпаролот на Националната шума Сиера.

-Повеќе од 400 пожарникари со хеликоптери, други авиони и булдожери се борат со пожарот во тешки услови кои вклучуваат топлина, мала влажност и многу сува вегетација, предизвикана од најтешката суша во последните децении, кажа портпаролот.

До вчера претпладне, пожарот уништи 10 станбени и деловни згради, оштети пет, додека други 2.000 згради се под закана, наведе калифорнискиот„Кал Фајер“.

Голем број патишта се затворени, вклучувајќи го и еден од главните патишта што водат до паркот Јосемити.

Портпаролот додаде дека огнот се движи брзо, фрлајќи жар и до три километри пред него.

Поврзани новости