Повторно сообраќајка во Неготино, се бара итно поставување на легнати полицајци и полициски контроли!

by fokus 19:39
19:39

Жителите во центарот на Неготино синоќа повторно ги вознемири сообраќајна несреќа. Немилиот настан се случи околу 21 часот, во близина на раскрсницата помеѓу улиците „Партизанска“ и „Маршал Тито“, помеѓу мопед и автомобил.

Според СВР Велес, возачот на мопедот поради здобиените телесни повреди бил пренесен во кавадаречката болница.

- Advertisements -

Пред само две недели, во Неготино на улицата „Маршал Тито“, на пешачки премин во близина на Полициската станица, автомобил удри во три девојчиња на возраст од 16 и 17 години, кои завршија во болница.

Тогаш на социјалните мрежи посветени на градот беа актуелни апелите на граѓаните да се постават легнати полицајци на „Маршал Тито“, но и на делови од „Партизанска“, каде е доста фреквентно.


Нивните повици, конечно да се стави ред во сообраќајот, бидејќи секоја вечер се актуелни трките со мотори и автомобили на овие улици, очигледно останаа неслушнати од локалната власт, но и од страна на МВР, од каде се бара редовно патролирање и поставување на полициска екипа околу раскрсницата во центарот во градот.

Станари во зградите во центарот сведочат за кршењето на законите и појаснуваат дека секоја вечер се сведоци на нечие дивеење по улиците. Велат дека во многу наврати се случува да ѕвонат во Полициската станица и да бараат да се испрати екипа на терен, но тоа не е трајно решение.

Во градот нема ниту еден семафор, кружен тек, или пак вибрирачки успорувачи на брзина. На спорната улица „Маршал Тито“, исто така нема ниту еден легнат полицаец, и покрај тоа што несреќите се честа слика.

Како потсетување, само во изминатите десеттина години, во одделни случаи, дури четири млади лица го изгубија животот на градското подрачје поради неприлагодена брзина. Од нив, двајца младинци починаа токму на улицата „Маршал Тито“, во одделни сообраќајки. Како потсетник на една таква трагедија, на раскрсницата е поставена мала црквичка.

-Што треба повеќе да се случи, за да имаме полиција на терен, постојано? Еден полицаец да патролира е доволно. Цела ноќ слушаме дивеење на градскиот плоштад, со мотори се вози низ него, иако е заштитена пешачка зона. Опасно е да се пушти дете надвор! – вели загрижена неготинчанка која живее во зградите наспроти плоштадот.

И синоќа, по сообраќајната несреќа, по само половина час откако заврши полицискиот увид и полициските екипи заминаа, се продолжи со дивеењето на улиците. Наглото кочење со рачна сопирачка при голема брзина е една од омилените забави на несовесните возачи, и честа слика со вознемирувачки звук на спорната улица.

Доволно е една минута на овие улици за да се увиди дека не се почитува ниту задолжителната обврска за носење на заштитен шлем при управување на мопед.

Станари од зградите кои се сведоци на безредието во сообраќајот, посебно во вечерните часови, за „Фокус“ потврдија дека размислуваат за покренување на петиција, со која ќе се бара итно ангажирање на полициски екипи во тек на цела ноќ околу раскрсницата, но и поставување на успорувачи на брзина, за кои безуспешно се апелира со години наназад.

Вики Клинчарова

Поврзани новости