Повторно седумка кај неготинчани: Неготино доби уште еден милионер!

by fokus

Неготино доби уште еден милионер, откако на завчерашното издание на наградната игра НовоЛото 7/34 среќниот играч освои седумка.

Добитното ливче кое на неготинчанецот, кој замоли да не го откриваме неговиот идентитет додека официјално не ја земе наградата, му донесе шест милиони денари, односно околу 100.000 евра, било уплатено во Скопје, каде што тој веќе неколку години живее со семејството.

,,И јас и сопругата сме од Неготино, но сега живееме и работиме во Скопје. Архитект сум, имам проектантско студио, имаме две деца, синови. Редовно играм игри на среќа, тоа ни е еден вид на семејно хоби. Секогаш одбирам различни броеви, значи добитната комбинација не беше според некои одредени датуми или нешто слично. Заедно со поголемиот, шест годишен син го гледавме извлекувањето, реакциите и возбудата кога сфативме дека ние сме среќните се нешто што се подразбира, ова е голема радост за нас’’ – раскажува тој за ,,Фокус’’.

Додава дека со добивката планираат да инвестираат во иднината на нивните деца, односно да им го средат станбеното прашање, а дел од средствата ќе одвоеле и за хуманитарни цели.

На триесетти август годинава главната добивка од играта НовоЛото 7/34 повторно се падна во Неготино. Тогашниот добитник, Ристе Стефанов се согласи јавно да го откриеме неговиот идентитет и раскажа за искуството. Вчера, тој донираше дел од добивката во хуманитарни цели, искористени за набавка на дигалка, односно помагало за семејство со две деца со церебрална парализа. Исто така, ни изјави дека со дел од парите им помогнал уште на неколу социјално загрозени семејства од околните села.

Ова е втор пат во оваа игра на среќа која ја носи најголемата добивка во Македонија, неготинчанец да добие седумка. Досега седумки добиле скопјани, битолчани, кумановчани, тетовчани и светиниколчани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости