Повторно се одложува јавната седница за „Монструм“

by fokus
Од Врховниот суд информираат дека јавната седница за случајот „Монструм“, која беше закажана за утре, повторно се одложува.

-Одложувањето на јавната седница е по барање на бранителот адвокат Асмир Алиспаиќ поради здравствени причини, за што до Врховниот суд на Република Македонија е доставена соодветна медицинска документација, велат од Судот.

Оттаму додаваат дека наредниот термин дополнително ќе биде определен.

Ова е второ одложување на јавната седница, бидејќи таа не се одржа ниту на 30 мај, бидејќи тогаш во судница не се појави адвокатот Насер Рауфи.

Тогаш обвинителката Лилјана Спасовска побара седницата да се одложи на неопределено време, сè додека не се прибави дописот што го побарал Врховниот суд на шести април до СЈО за прибавување нови докази.

Претседателот Јово Вангеловски, пак, тоа барање го одби, а обвинителката Спасовска реагираше дека не треба да се расправа се додека не се прибават сите факти.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово, каде што се на слобода.

Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени, пред точно пет години, на 12 април 2012 година, на Велики четврток,  додека ловеа риба кај Смиљковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.

Поврзани новости