Повторно прегазено дете во Неготино, со тешки повреди пренесено на скопските клиники!

by fokus

Во Неготино на главната улица ,,Маршал Тито” повторно е прегазено дете, кое со тешки телесни повреди е пренесено на скопските клиники и веднаш е препратено на операција.
Настанот се случил околу 18.30 часот, кога 11-годишното момче заедно со другарче ја преминувало улицата, на место кое е доста раздвижено бидејќи околу има повеќе маркети и продавници.

Мајката на повреденото дете, Билјана Малиминова за ,,Фокус” вели дека е потресена од настанот, и јавно прашува до кога ќе се газат деца во Неготино и дали некогаш ќе бидат преземени конкретни мерки за да се обезбеди безбедност на пешаците во градот.

Но, покрај несреќниот случај, таа појаснува дека во тие моменти на страв и вознемиреност по настанот, жената која го удрила нејзиното дете со автомобил, дури и започнала вербална расправија со неа.

-Син ми заедно со другарче ја преминувал улицата кога жената го удрила со возилото. Го ставила во кола, и наместо во болница, со сите тешки и очигледни повреди, тргнала да го носи кај нас дома. Ми се јави телефонски, и кажав дека тргам кон итната помош во градот, и нема што да бара дома кај нас. Но, сепак, таа запрела попат, и му рекла на син ми да излезе од возилото за да види дали може да оди!

Кога најверојатно увидела дека станува збор за сериозни повреди, го донесе во итната помош, каде започна вербална расправија со мене. Барав да се повика полиција, но ми рече дека нејзиниот сопруг е полицаец и таа го удрила син ми со брзина од 20 километри на час. Што треба да значи тоа?
Јавно прашувам, дали е важно чиј сопруг е полицаец во ваков случај? Нели сме сите исти пред законот? Јас сум самохрана мајка, треба ли да бидам оставена незаштитена поради тоа? Дали е важно кој е и што е било кој возач кој ќе прегази дете? – прашува мајката.

Додава дека потоа била повикана полиција, а детето било препратено во кавадаречката болница. Од таму, поради сериозноста на повредите, тоа веднаш било пренесено на скопските клиники.

-Станува збор за скршеници на рака, нога, многу тешка повреда на окото, се уште не ги знаеме сите повреди. Штом стигнавме во Скопје, веднаш не испратија на операција. Потресена сум од настанот, од однесувањето на жената која го прегази моето дете, разочарана сум во целиот систем. Апелирам до надлежните служби совесно да си ја извршуваат работата, без да се гледа кој чиј е, кој што е, кој каде работи. Овде станува збор за детски живот! По сето ова, не треба да не чуди што луѓето се иселуваат од Македонија- раскажува мајката.

Вака изгледаат речиси сите пешачки премини во Неготино

На истата улица, каде е прегазено момчето, и пред неколку недели беше прегазено девојче на иста возраст, и тоа на околу десеттина метри од пешачкиот премин. Во тек на летниот период на оваа улица, каде е доста фрекфентно, но и се вози бргу, се случија десетици на сообраќајни незгоди. Во тек на ноќните часови пак, редовни се трките со автомобили и мотори.
Пешачките премини речиси и не се забележуваат бидејќи им е избледена бојата, а семафори нема никаде во градот.

Апелите на граѓаните, посебно оние кои живеат на оваа улица и се сведоци на сообраќајките и на непочитувањето на сообраќајните правила, да се постават успорувачи на брзини и да има редовна полициска патрола, посебно во ноќните часови, паѓаат во вода.

Со години наназад се укажува дека е потребно конкретно сообраќајно решение на овој дел од градот, но барем досега, се нема поставено ниту еден легнат полицаец, или пак било каква светлосна сигнализација, која ќе служи како предупредување за возачите.

*Фотографијата е објавена со дозвола на мајката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости