Повеќе од 80 точки на денешната владина седница

by Fokus 09:09
09:09

Владата на Република Македонија денеска ќе одржи редовна седница на која ќе расправа за прашања од повеќе области.

Покрај разгледувањето на состојбите во процесот на евроатланската интеграција и користењето на ЕУ фондовите, Владата ќе ја разгледа информацијата во врска со изградбата на Националната арена „Филип II Македонски“ и информацијата за активностите за изградба на отворен базен, затворена тениска арена со гимнастичка сала и сала за боречки вештини во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

- Advertising -

На седницата се очекува да биде разгледана и информацијата за потребата од потпишување на анекс кон Договорот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, како и информации за постапките за доделување концесии за вршење детални геолошки истражувања на минерални суровини на повеќе локалитети.

На дневен ред на седницата се ставени и Предлог-одлуката за изменување на одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар и Предлог-методологијата за изменување на Методологијата за начинот на формирање на цените на лековите.

Меѓу дел од точките на дневен ред се и Информацијата за реализација на проектот за комплетно реновирање на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Предлог-одлуката за прогласување на Спомен-куќата на Лазар Личеноски за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

МИА

Поврзани новости