Повеќе институции под лупа за трагедијата во Бугарија

Се испитува постапувањето на сите надлежни институции, велат од Обвинителството за Фокус.

by fokus

Скопското обвинителство издало наредби за обезбедување на документација од повеќе институции и се испитува нивното постапување, односно дали некоја потфрлила при контролирањето на автобусот на „Беса транс“ кој се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија каде изгореа 45 патници, меѓу кои 12 деца.

-Предметот е во фаза на предистражна постапка, во рамките на која надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби за обезбедување документација од повеќе институции со цел да се утврди фактичката состојба.

 

Се преземаат и други дејствија и се испитуваат сите аспекти на наведениот настан, како и постапувањето на сите надлежни институции. Меѓутоа, со цел да не и се наштети на постапката, не сме во можност да споделиме детали за дејствијата кои се преземаат во рамките на предистрагата, велат од Обвинителството за Фокус.

Обвинителството не открива конкретно од кои институции е одземена документација.

Десет дена од несреќата во земјава стигнаа посмртните останки од жртвите во автобуската трагедија, но во тие десет дена се откри и дека автобусот ја поминал границата 135 пати без дозвола за меѓународен превоз подметнувајќи друга лиценца.

Се откри дека Државниот инспекторат за транспорт нема извршено вонреден инспекциски надзор над автобусот, но сите институции вклучени во неговата контрола вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Министерството за транспорт и врски не чувствуваат одговорност за тоа што автобусот ги кршел прописите и никој не реагирал.

Казнети се само двајца цариници и раководителот на смена кои не го ни евидентирале автобусот на последниот негов пат, бидејќи имало гужва.

Од Царинската управа иако најавуваа дека има дополнителни информации од контролата во институцијата, сепак нова одговорност нема за никого.

Сопственикот на „Беса транс“ најверојатно е во Бугарија и според последните информации нема дадено исказ за несреќата пред македонските надлежни органи, но се појави на интервју на бугарска телевизија. Освен што и е одземена лиценцата на агенцијата, други санкции за нејзе нема.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости