Финското претседателство на Европска Унија ги отфрли обвинувањата на унгарската Влада дека денешното сослушување за состојбата на правната држава во Унгарија претставува „лов на вештерки“.
Тити Тупураинен, финската министерка за европски прашања и претседавач на денешниот Совет за општи работи на кој министрите на ЕУ ја сослушуваа унгарската министерка за правда, Јудит Варга, порача дека дискусијата се одвивала во продуктивен и кооперативен дух, но дека се донесени само процедурални заклучоци и дека не е за сега закажано ново сослушување, ниту можеше да гарантира дека ќе има под финско претседателство.
Унгарските власти во медиумите и на социјалните мрежи ги обвинија „про-имиграциските“ сили во ЕУ дека спроведуваат „лов на вештерки“ со денешното сослушување, иако тоа претставува обврска на Советот откако Европскиот Парламент ја активираше оваа процедура, наречена „член седум“ пред една година.
Потпретседателот на Европската Комисија задолжен за владеењето на правото во ЕУ, Франс Тимерманс, исто така се осврна на унгарските обвинувања на денешната прес конференција.
– Од моето лично искуство можам да кажам дека унгарските претставници секогаш биле љубезни и пријатни кога сме биле очи в очи, но потоа ќе отидат дома и ќе видам што кажуваат за мене во медиумите и на социјалните мрежи и се прашувам дали е тоа истата личност со која сум зборувам, тоа што го кажуваат кога се сретнуваат со нас и тоа што го кажуваат во медиумите е многу различно, рече Тимерманс.
Тој му се заблагодари на финското претседателство за неговата „силна заложба“ кон владеењето на правото.