Потписник на писмото за одложување на конгресот на ВМРО: Не најавуваме бојкот, туку повикуваме на обединување!

by Фокус

Писмото за одложување на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ за избор на нов претседател поради низа организациски пропусти и фаворизирање на еден кандидат е повик за обедување на партијата, вели за Фокус еден од потписниците. Тој проценува дека, сепак, нема да дојде до бојкот на дел од партиските членови, функционери и делегати на конгресот доколку под овие услови се оддржи во закажниот термин на 22 и 23 декември во Валандово, туку, според него, во партијата ќе се справат со ваквата ситуација.

-Оценивме дека сега е моментот да реагираме на овој начин јавно, преку екстезивно писмо во кое се наведени многу аргументи. Ние се надеваме дека ќе најдеме решение и заеднички јазик околу аргументите што ги наведовме во интерес на обединувањето. Оваа реакција не е мотивирана од персонална природа и не е во функција на внатрепартиска борба за партискиот врв, туку се работи за борба на концепт и на идеи – истакнува нашиот соговорник, нагласувајќи дека оваа групација нема профилирано лик зад кој би застанала во натпреварот за нов партиски лидер.

Според неофицијални информации, досега никој не поднел кандидатура за претседател на претстојниот конгрес, меѓутоа, како што објавивме, генералниот секретар Христијан Мицковски веќе ги собрал потребните потписи од делегатите потребни за номинација. Притоа, во јавноста се појавија информации дека и поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски ги собрал неопходните минимум 30 потписи од делегатите, меѓутоа високи партиски извори велат дека тоа не е точно.

Покрај нив, меѓу можните претенденти за нов партиски лидер се споменуваат и пратениците Илија Димовски и Антонијо Милошоски, кои се меѓу потписниците на отвореното писмо, заедно со основачи на партијата, сегашни и поранешни пратеници и градоначалници итн. Во него се укажува на „сериозните проблеми настанати во процесот на организирање и спроведување на Конгресот“, што, според нив, не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на претседател на партијата.

„Информациите од членството на терен говорат дека во спроведување на процедурата за избор на Претседател на ВМРО-ДПМНЕ има еден кандидат кој е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво. Се користат партиски ресурси само за еден кандидат. Се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат. Се праќаат и вистинити и лажни поздрави до делегатите од влијателни личности во врвот на партијата со цел добивање на поддршка за едниот кандидат. Се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на едниот кандидат, стои во писмото.

В.С.

Поврзани новости