Потпишана декларација против насилство врз докторите: За разлика од униформата на полицајците, со нашата униформа се бришеше патос

by Fokus

Декларација против физичко и вербално насилството врз докторите на медицина, стоматолозите, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и други здравствени работници денеска потпишаа министерот за здравство Арбен Таравари, претседателката на Лекарската комора на Македонија Калина Гривчева Старделова, претседателот на Стоматолошка комора Владо Поповски, претставникот на Фармацевтската комора Ерол Али, како и претседателката на Здружението на медицински сестри, техничари и акушери на Македонија Велка Лукиц.

Во текстот на Декларацијата се вели дека единствено безбедна средина во која се даваат здравствени услуги гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите и дека здравствените работници како и сите останати имаат право на безбедна работна средина.

– Насилството кон здравствените работници мора да биде сериозно сфатено од страна на управителите на сите здравствени установи и со истото мора ефикасно да се справуваме со помош на полицијата и правниот систем. Инцидентите на насилство мора да бидат документирани преку систем кој ќе биде обезбеден од страна на Владата и здравствените установи – се наведува во Декларацијата.

Зад Декларацијата, како што посочија на потпишувањето, стојат над 20 илјади медицински работници во Македонија.

– Во законот за здравствена заштита од 2015 година стои дека сме јавни службеници, меѓутоа за разлика од униформата на полицајците со нашата униформа се бришеше патос. Не поминува месец да не добиеме информација од некои од колегите или сестрите дека е нападнат или физички или вербално. Ние не можеме да ги контролираме ниту сајбер нападите, меѓутоа постојат системски решенија со кои можеме некако да се заштитиме. Долго време чувавме социјален мир. Луѓето имаат право да бидат незадоволни од здравствениот систем, имаме право и ние да бидеме незадоволни, но никој нема право да не тепа – истакна Гривчева Старделова.

Поврзани новости