Потерниците за бегалците Демири и Исмаиловиќ, обвинети во „Монструм“ сѐ уште се активни

by fokus

Меѓународните потерници за бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“, сѐ уште се активни, иако пред 20 дена, по повеќе од пет години поминати во притвор, на слобода излегоа останатите четворица обвинети за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

Потерниците за двајцата бегалци, кои веќе со години се засолнети во Косово, се уште се поставени на веб сајтот на МВР. Од обвинителството велат дека тие ќе бидт активни се додека не се утврди каде се наоѓаат.

-За лицата за кои покажувате интерес, согласно закон, потерниците нема да бидат отповикани сѐ додека не се утврди каде истите се наоѓаат, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството.

Демири и Исмаиловиќ беа фатени во Косово, но тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција, бидејќи тврдеа дека не се доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.

Откако Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда за овој случај, и предметот го врати од почеток, набрзо беше укинат и притворот за четворицата обвинети, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири.

Врховниот суд им определи мерки на претпазливост, односно не смеат да го напуштат градот во кој што живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1.

Од обвинителството не сакаа да ни одговорат на прашањето кој обвинител ќе го застапува обвинението за овој случај на повтореното судење.

-Обвинението за предметот ќе го застапува назначен јавен обвинител, одговорија од обвинителството. Засега останува и нејасно дали новиот обвинител ќе направи измени во обвинителниот акт, кој беше изготвен од страна на обвинителката Гордана Гешкоска.

Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, каде што беа убиени четири момчиња и рибар.

Валентина Вурмо

Поврзани новости