Потемнетиот дијамантен јубилеј: 75 години македонско правосудство

by Fokus

Кога еден судски систем ќе се расипе, тешко се поправа. Сите обиди за поправање на состојбите, тешко се спроведуваат. Секој обид за реформи во правосудството се смета за мешање на извршната власт во судската. Раслојувањето во општеството, исто така, е со силно влијание, и најзаконитата пресуда за еден дел од јавноста, а особено од засегнатите странки, нема да се цени за праведна.

Пишува: Милка РИСТОВА

Почетоците на македонското судство датираат од 31 март 1945 година, кога Президиумот на АСНОМ донесува Повелба за устројството на редовните народни судови на Демократска Федерална Македонија објавена во „Службен весник“ на ДФМ број 4/4. Од тогаш овој ден се прославува како Ден на македонското судство. Од овој датум, постапката во македонските судови, за првпат во поновата историја на македонскиот народ се води на македонскиот службен јазик.

Оваа година се одбележува 75 години од тој важен датум. Но, тоа поминува тивко и незабележано, бидејќи во фокусот на македонската јавност е загриженоста од здравствената криза предизвикана од последиците од смртоносната пандемија на корона вирусот. Тоа, пак, придонесе да стивнат новинарските извештаи од судниците на македонските судови, посебно од Кривичниот суд – Основниот суд Скопје 1.

Овој текст има за цел да даде кратка ретроспектива на развојот на правосудството, со неговите подеми и падови, кои во последно време се постојано актуелни. Во таа смисла, разграничив три периоди, за кои сметам дека секоја за себе носи некои карактеристични одлики.

 ПЕРИОДОТ ОД 1945 ДО 1954 ГОДИНА

Првиот период од 1945 до 1954 година се повоените години, кога во новата Демократска Федерална Македонија, кадрите со завршени студии по право се во едноцифрен број, па функцијата судија и јавен обвинител ја вршеле новите револуционерни кадри, најчесто без правно образование, а кои биле идеолошки подобни за извршување на овие функции.

Во тој период, положбата на македонското судство е условена со социјалистичкото политичко уредување на нашата земја и постреволуционерните задачи. Правосудството дејствува во систем на единство на власта, спротивно на системот на поделба на власта, со морално-политичка подобност на носителите на правосудната функција. Во овој период, донесените одлуки се исполнети со идеологизираната правда.

Но, треба да се нагласи дека во споредба со другите социјалистички земји, деструктивното влијание на еднопартиската држава на правната професија и работата на судовите е многу помала. Со исклучок на првите повоени години, повеќе судии и јавни обвинители ја вршеле својата должност стручно и разумно. Адвокатурата и во новиот систем продолжила да работи како самостојна и приватна професија.

ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ПРАВНИОТ СИСТЕМ ВО ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА

Втората фаза почнува со заокружувањето на правнот систем на југословенската федерација, со новата уставна рамка, врз основа на која се донесени и повеќе закони. Правните факултети, меѓу нив и нашиот прв државен Правен факултет, кој денес е во рамките на УКИМ, ги подготвува идните правници со правни знаења темелени на римското право и класичните граѓански и кривични кодификации со извесен идеолошки предзнак. Во овој период, а особено по Стопанската реформа од 1965 година, но и со Уставот на СФРЈ од 1974 година, се намалил државниот притисок на власта врз правосудството. Тоа се должи на:

-Доброто стручно образование на идните дипломирани правници, кое го добиваа на тогаш единствениот Правен факултет во републиката со седиште во Скопје. Лично можам да посведочам на посветеноста на моите професори и асистенти примарно на своите студенти. Тие редовно ги држеа своите предавања, а асистентите ги одржуваа вежбите. Испитите се одвиваа навреме, јавно и усно, темелно се проверуваа нашите знаења. Секој студент што бил дел од јавноста при полагањето, се сеќава за добрите студенти од својата генерација. Јавно пред петчлена комисија се полагаше правосуден испит, се бараше големи теоретски и практични знаења. Сите ја памтат тежината на положениот правосуден испит од тоа време. Таквите потенцијални идни судии, јавни обвинители имаат свест, самопочит кон себе и знаењето, кое со многу труд го стекнал и потешко се манипулираше со нив.

-Изборот на идните судии и јавни обвинители беше од редот на со знаење подготвените елитни правници и над сè, чесни личности. Сега верувам дека најголемиот дел од тие кадри се сеќаваат на тоа време, кога се одбиваше и кафе да се напиеш од странката во чиј двор судијата вршел увид на самото место!

-Мешањето на власта врз судството, особено во граѓанските предмети, стопанските спорови, работните односи беше минимално и повеќе на лична основа.

-Притисокот во кривичната област и тогаш е присутен но, не како денес! Тоа е така бидејки битните одлуки за социјалистичката држава се донесуваа и одлучуваа во партиските комитети и во елитата тогаш единствената Комунистичка партија.

-Секогаш тешко се пресудуваше криминалот на личности од висок профил. Сепак, мислам дека мешањето на државната политика не беше изразено, бидејќи лицето што е странка во кривичната постапка, веќе ги почувствувал последиците на политичката одговорност. И така отстранет од политичката поддршка, не беше доволно интересна мета за политички притисок врз судот.

-Но, секогаш имало исклучоци, одредени судии во оваа област на правото, и тогаш извршуваа наредби на државната политика! Но, имаше и одважни судии, кои не се покоруваа на наредбите на власта, особено во повисоките судски инстанци, па токму поради тоа и професијата судија беше една од најугледните професии.

ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ПО 1991 ГОДИНА

По демократските промени, осамостојувањето и донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, судиите добија траен мандат и можност за формирање на свој Судски совет, за кој мнозинството на членовите сами ги избираат.

Судската самоуправа се очекуваше да обезбеди самостојност и независност на судиите и нивна заштита од законодавната и извршната власт. Но, новиот систем на избор, унапредување и разрешување на судиите преку Судскиот совет покажа расчекор меѓу пропишаното во закон и стварното! Дејствувањето на Судскиот совет денес се цени како негативно и директен виновник за политичко влијание врз кадровската политика во судовите. Идејата за стручно тело Судски совет, или самоуправување во судството, не ги даде очекуваните резултати!!!

Затоа, сè почесто се поставува прашањето за одговорноста на Судскиот совет за состојбите во правосудството, која пред извесно време беше востановена со закон.

Добар дел од стручната јавност, пошироките професионални кругови, како и дел од критичката јавност, цени дека изборот, а особено унапредувањето на судиите, со одредени исклучоци, не е извршено од редот на оние со најдобри професионални резултати. Се укажува дека определени угледни судии, со лични квалитети и чест, не се унапредени!!!

Во праксата, политичкото влијание врз независноста на судијата, во многу зависи од фактот во мандат на која влада и во кое парламентарно мнозинство е избран судијата од Судскиот совет.

ПОДЕЛБА НА „НАШИ“ И „ВАШИ“ СУДИИ

Во зависност од тоа, судијата ја чувствува трајноста на својата функција. Судиите избрани во текот на владата, која е во мандат, можат да бидат сигурни, а останатите се под постојана несигурност и страв од разрешување! Бројните разрешувања, вкупно 55, кој број е менлив – анализирани поединечно го потврдуваат тоа. Во суштина, тоа значи суспензија на начелото на трајност на функцијата. Така, во пракса добивме несигурност на положбата, поделба на судиите на наши и ваши, кои според јавноста работат под политичко влијание.

Недостигот од стручни и човечки квалитети кај дел од судиите се покажа на најрадикален начин. Се одолжуваат судските постапки, судските рочишта се одлагаат, се скандализира распоредувањето на предметите поради непочитување на Акмис системот, сомнително постапување за да настапи застареност на кривичното гонење.

Постојат и надворешни влијанија, кои ги надминуваат границите на правната професија, сомневање во објективноста на вештачењата од разни области, сомнителен интегритет на сведоците, во последно време и на судиите поротници! Сè почесто се укажува и на постоење корупција, богатите кои својот имот го стекнале во дел на незаконит начин, наоѓаат и начин да го добијат тоа што го сакаат!

Во такви околности и, кога довербата на граѓаните во судството е на мошне ниско ниво, одбележувањето на 75-годишнината од работата на македонското судство е затемнета!!!

Кога еден судски систем ќе се расипе, тешко се поправа. Сите обиди за поправање на состојбите, тешко се спроведуваат. Секој обид за реформи во правосудството се смета за мешање на извршната власт во судската. Раслојувањето во општеството, исто така, е со силно влијание, и најзаконитата пресуда за еден дел од јавноста, а особено од засегнатите странки, нема да се цени за праведна.

Но, сепак, Република Северна Македонија продолжува со судската реформа да се создаде судски систем, во кој стручни, стабилни, автономни и независни судии ќе гарантираат дека таа ќе биде правна држава. Можеби во овој процес треба, покрај досегашната реформи, да се востанови и друг пристап, кој денес недостасува. Систем на востановување јубилејно наградување на истакнати квалитетни судии, чиј пример треба да се следи! Засега, судиите јавноста само ги критикува, а позитивните примери остануваат невидливи. Треба да ги направи државата видливи, со востановување почести и признанија, кои ќе ги следат нивните колеги, а ќе се гордее и нивното потомство.

(Авторот е врховен судија во пензија)

Поврзани новости