Постигнат напредок за реализирање на средбата меѓу Трамп и Ким Џонг-ун

by fokus

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и севернокорејскиот претставник Ким Јонг-чол постигнаа напредок за време на денешните разговори во Њујорк, чија цел е поставување основа за можна средба меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и северокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, соопшти претставник на Стејт департментот.

– Состанокот помина добро. Постигнат е напредок, изјави високиот претставник на Стејт департментот, по крајот на разговорите, што завршија два часа порано од предвидено.

Помпео на Твитер објави дека дводневните консултации со севернокорејските претставнци биле „суштински” и на нив било разговарано за „приоритетите” за средбата меѓу шефовите на двете земји.

Пред денешната средба, Помпео и Ким и синоќа во Њујорк разговараа за иднината на севернокорејската нуклеарна програма, како и за можната средба меѓу Трамп и Ким.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска оцени дека преговорите со Северна Кореја во Њујорк биле многу позитивни, најавувајќи дека делегацијата од Пјонгјанг утре ќе го посети Вашингтон и дека ќе му достави писмо од севернокорејскиот лидер.

– Се радувам на дознавањето на содржината на писмото, изјави Трамп, додавајќи дека се надева оти сепак ќе се сретне со Ким на 12 јуни во Сингапур.

Ким Јонг-чол е поранешен шеф на воената разузнавачка служба на Северна Кореја, а сега е потпретседател на Централниот комитет на владејачката Корејска работничка партија, задолжен за меѓукорејските односи.

Поврзани новости