„Послушај Русковска, да ти кажам словото“

by fokus 18:22
18:22

Пишува: Фросина Ременски

Обвинителке Русковска, кога веќе решивте да го спомнете моето презиме во вашето конфузно и панично полноќно обраќање до странските амбасади, европската јавна обвинителка и меѓународните организации, дозволете да ви одговорам со аргументирани. Ќе ве пресирам со мали букви.

Вашата свесна и намерна манипулација со фактите, процедурите, законите и уставните гаранции за човековите слободи и права од позиција на одговорно лице на орган на прогон кои подолг временски период ги практикуватенадвор од етичкиот кодекс за обвинителите се во директна спротивност со вредностите кои ги негуваат европски институции и амбасади кои ги повикувате. Кој ви го напиша обраќањето, побогу?

Покажавте основно непознавање на законите и надлежностите на македонските државни институции. Како јавен обвинител самите го погазивте суверенитетот и независноста на државата и нејзините институции, а имате обврска да ги штитите! Од позиција која ја имате во моментот, знаејќи дека писмото е само за домашна „патриотска“ употреба и за кревање на вашиот одамна пропаднат рејтинг, се осмеливте без срам да повикате на меѓународен кривично-правен интервенционизам во кривични постапки за кои вие и Судот имате одговорност. Клеветнички го рушите угледот на државата, Владата и институциите преку свесна и безобразна генерализација дека сите се криминалци, а само вие сте светица и борец против криминалот. Ова е патологија обвинителке!

Ова ви го пошувам со чиста совест и без грам страв од сите ваши досегашни, докажани злонамери и тенденции кон мене како личност во време кога пред години пријавував милионски криминал кој вие не го видовте и извршував функција Потпретседател на Собранието на РСМ.

Јас проф. д-р Фросина Ташевска-Ременски имам право и општествена одговорност да ги прикажам и обелоденам сите ваши злонамери и злоупотреби. Го должам тоа и на мојата професија и на моите студенти кои ќе истражуваат како не треба. Неосновано бев предмет на ваша пристрасност, (зло)намера, пропречување на правдата, измами и закани кон Судот, кон сведоци во кривичната постапка, кон изнуди за лажни искази, кон докажан на Суд незаконски претрес во мојот дом, кон закани кон судии кои одлучувале за казни, со попречување на сите можни истраги во случајот во институции кои воделе постапки против вас и гнев кога Судот кој пресуди дека вие како обвинителство не сте докажале ништо од едната единствена реченица во обвинението против мене без грам докази.

Имам право да ви одговорам обвинителке и од причина што во „гро планот“ на вашето обраќање кон странските фактори се повикувате на вашата „чест, углед и поштење“, кое сте ги научиле од вашите родители кои страдале од „бугарските фашисти и бугарски куршуми“.

Знаете зошто имам право?

Прво, затоа што мешате баби и жаби и недозволено се ставате во дневно-политички контекст кој ја загрозува нашата ЕУ интеграција, токму заради овој речник. Второ, затоа што вие лично неосновано ме обвинивте и го најдовте како зло токму мојот углед и авторитет. Тој мој „углед и авторитет вие го ставивте во обвинение“ и го поставивте како таргет за јавен отстрел, ругање, говор на омраза и насилство. Го внесовте во судница во која се срамев од вашиот дилетантизам со кој клеветевте без докази, преку протурање на невистини за создаваање на јавен впечаток и пропаганда за вина.

Кога сме кај родителите обвинителке од кои сте учеле за чест и поштење … И јас научив многу од моите родители обвинителке. Татко ми не загина од бугарски куршум, не беше обвинител што ќе ја бутне ќерка му во обвинителство. Мојот татко беше угледен мајстор и чесен човек од најстарата градска фамилија во Крива Паланка. Почина на сред судскиот процес во кој вие ме втурнавте со вашата зланамера. Се бранев од вербалните куршуми со кои стрелавте секој ден на сите страни. Од татко ми научив многу, затоа што како шнајдер и стечаен работник со години се мачеше со неправдите и лоповлукот од приватизацијата кои со мајка ми ги остави на улица додека бев студент – студент на генерација. Да …, од таа приватизација и таа олигархија на која вие денес ѝ слугувате и ја третирате како зашитена сибирска мечка. Додека ние – децата на стечајците и работничката класа со мака се бориме против неправдите и криминалот на тие тридеценски заштитени мечки, вие обвинителке одбравте да им слугувате без грам срам!

И да …, и јас нема да дозволам личности како тебе обвинителке да фрлаат клевета и дамка на мојата макотрпно градена универзитетска кариера која произведе 18 генерации студенти кои работат и во вашите истражни центри со кои раководите …, и за жал извршуваат незаконски наредби издадени од вас лично. Зар не ви е срам безобразно се криете зад тие млади луѓе кои имаат години работа пред себе и зборуваат во какво заробено (од вас) обвинителство работат?

Имам право да ви напишам обвинителке и стојам зад се што сум напишала за вас. Додека вие по нарачка и злонамерно „ме пакувавте без докази во ПР-обвинение“ во кое требаше да се пофалите дека гоните високи владини функционери (а јас бев пратеник) и додека селективно брифиравте избрани новинари за наводни сознанија од „тајната истрага која лично ја водевте“, јас во Собранието на РСМ без грам дилема ги гласав сите закони на кои вие денес се повикувате, а прва ги прекршивте. Тоа беше време обвинителке, кога се лулаше кворумот во Собранието и кога сите калкулираа со мојата „суета“ и глас „за“ тој пакет на закони. Мислеа дека ќе реагирам дезориентирани и конфузно како вас овие денови. Се излажаа сите!

Обвинителке, бев и останав застапник на сите европски вредности и многу добро го знам духот на тие вредности кои очигледно токму вие свесно ги заборавате.

Во тој период како Потпретседател на Собранието на РСМ и јас можев да напишам јавно писмо до сите амбасади, меѓународни институции и да лелекам и да барам помош од неправдите сторени од вас лично. За позицијата обвинителке треба и достоинство, разум и знаење!

Не го направив тоа, зошто сметав дека немам право да се издигам над законот, иако знаев каква неправда трпам. Не издржете вие обвинителке, а сте на почетокот на многу полоша состоја ода онаа која злонамерно ми ја креиравте. Нели сите се еднакви пред законот? Зошто тогаш се плашите од соочувањето со сопствените грешки? Зарем не верувате во професионалноста на нашите институции, па ги повикувате станците? Ако вие немате доверба во вашиот шеф обвинителке, што останува за обичниот човек кој е заборавен (намерно) од вашата „ажурност и човечност“? Дали мислите дека за вас законите не смеат да важат и дека, вие и ќе обвинувате и ќе бидете Суд, истовремено? Сте се излажале обвинителке – вие сметате дека никој не смее да ве контролира!

Признавам дека, она за што се информирани и добро упатени најповиканите државни институции од моја страна е попречувањето на (најбараниот од ЕУ) парламентарен надзор што се обидовте да го направите преку незаконскиот влез во мојот дом. Сите до еден мижите пред сите процесуирани неанонимски пријави потпишани со мое име и презиме по сознанија и докази добиени како пратеник во надзорно тело. Проблемот е во тоа што вие свесно ги штитите од прогон лицата кои се дел од тие пријавите од „само за вас“ познати причини. Да не ве уценуваат обвинителке?

Европските институции и амбасадите знаат дека обинителот и обвинителството е страна во секоја кривична постапка; дека, треба да се водат од начелото на правичност и законитост, презумцијата на невиност и да го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата во постапката, да ја заштити тајноста на предистрагата и истрагата, да не прејудицира вина додека надлежен Суд не ги утврди аргументите на двете страни, да не се служи со недозволени средства за изнуда на признание или лажен исказ, да не кокетира со медиумите во пласирање на полувистини заради пропаганда и да не влијае на институциите преку наметнување на перцепција и суд на вина, додека пред Суд не се докаже тоа.

Обвинителке …, јас ве победив на Суд, сакале вие тоа да го признаете или не!

Додека јас не се обидував да добијам медиумски простор „за да се препукувам со вас како Потпретседател на Собрание“, вие се препукувавте и ми стававте сопки на секој чекот. Ја попречувавте мојата правда пред сите надлежни институции кои постапуваа по многу пострашни наводи од они со кои денес ви се обраќа Управата за финансиска полиција. Но, има разлика обвинителке!

Сите ваши злоупотреби јас ги докажав на Суд обвинителке – Суд пред кој вие изгубивте со вашата импровизација и (зло)намера. Поднесував претставки и пријави и се што ми стоеше на располагање (според закон) да го докажам тоа што во мал дел на хартија го напиша како извештај Републичкото јавно обвинителство за вашето постапување во УФП.

Но, има разлика обвинителке, затоа што тогаш под ваш притисок и закани не дозволивте да се утврди вашата злоупотреба на службената положба и доведувањето во заблуда на Судот со пласирање на невистини информации за претресот. Се заканувавте кон судијата на претходна постапка (Весна Димишкова), за да ви даде наредба за претрес во мојот дом во кој вашите заштитени истражители влегоа како каубојци и го лажеа Судот за присуство на свекрва ми, за да ја покријат „законитоста“. Еден лист хартија без докази во барање за претрес во дом на Потпретседател на Собрание на РСМ. Го имам барањето обвинителке. Ваша среќа е што не побаравте претрес во Собранието на РСМ, за да не влезете, така влезени во поголема злоупотреба. Судот, а и вашата колешка Трајчева не беа слепи кога во Судот ги видоа вашите лаги и когс преку видео снимки ја докажав таа ваша измама кон Судот. Тоа е ваш срам обвинителке кој го криевте од јавноста!

Лаура Ковеси ви кажала дека нема да дојде. Ме фати срам кога прочитав дека, таа вам ви укажува за што е надлежна нејзината канцеларија и на што е упатена да соработува со обвинителството со кое раководите. Зарем не знаевте кога го пишувавте писмото и ја повикувавте?

Амбасадите во принцип не се мешаат во внатрешните (правосудни) работи на државата обвинителке. Тие седат, набљудуваат, пишуваат извештаи, анализираат и ни го мерат паметот и постапките на сите нас. Не сте вие исклучок, обвинителке.

Не е мое да ценам во состојбата сте се наоѓале кога сте го пишувале синоќешното писмо, но пред да ги повиката амбасадите на „ваша припомош“ во тоа што со години го проектиравте кон други лица, сте требале да се присетите на изјавите на германската и американската амбасадорка кога јавно ги коментираа вашите спододби со профитерите од случајот Империја. За тој случај не се жали ниту државата. Зошто? Тие изјави од странските амбасади кои ги повикувате, а кои ве треснаа од земја се фокусот кој го изгубивте кога тргнувате во рушењето на државните институции. За жал, поматен ви бил фокусот кога мислите дека сте над законот и дека, сите ќе се одговорат на вашиот очаен повик кога е во прашање вашата одговорност – веќе утврдена.

Обвинителке Русковска,

Тргнете ги рацете од судиите во Кривичниот суд – Скопје и престанете секојдневно им се заканувате по блиски лица дека ќе ги гоните, доколку не досудат како вие сте замислиле во обвинителско-кафанскиот подрум!

Тргнете ги рацете од Внатрешната контрола на МВР која направи фермани за вашиот незаконски претрес во мојот дом (докажан на Суд), но надвор од памет и закон се прогласи за ненадлежна, токму заради вашите закани кон инспекторите. Се осмеливте на укажувач со пријава да му поведете постапка за некакво оддавање на службена тајна. Зарем, вистината и констатираните злоупотреби по вашите наредба се службена тајна обвинителке?!

Тргнете ги рацете од Граѓанскиот суд – Скопје во кој под ваша закани се прават злоупотреби и се „редуцираат“ докази од тужби против вас!

Тргнете ги рацете од Апелацискиот суд – Скопје кон кој ажурно и секојдневно упатувате суптилни закани за начинот како да одлучуваат и да исполнуваат ваши желби за предмети, после кои вие треба да одговарате кривично!

Немојте да мислите обвинителке дека, државата ќе треба да ги плаќа трошоците за вашите кривотворења и (зло)намери за кои и Европскиот суд за човекови права од Стразбург (ЕУ која ја повикувате) ќе одлучи дека, токму вие сте прекршителот на човековите слободи и права. Вие ќе ја платите штетата што ја нанесовте лично на луѓето заради кои вие сте таму кај што се, но очигледно сте ја заборавиле вашата вистинска улога и задача.

Ова ви го пишувам како социолог кој е добар познавач на правото, благодарение на ликови како вас изминативе 20 години. И јас сакам (ама нема) Лаура Ковеси „да направи увид“ во обвинението во кое како „мечка во циркуз“ го вметнавте моето име. Сакам сите да ја видат таа ваша „професионалност“ обвинителке. Еве објавете ги сите докази, за да цени народ. Но, ќе треба да објасните една многу битна работа, а тоа е како од таа широката лепеза на угледни и авторитетни претставници на партијата „сликани и во комуникација со педерот“ (како што милувате да говорите, така европски), како најугледна и најавторитетна ме избравте мене, а (на пример), ја скокнавте министерката за одбрана Шеќеринска која со Катица Јанева и Бојан Јовановски во сред Рекет, зборувала за вашиот Закон за ЈО, а мажот ѝ пиел вино и гледал фудбал со лицето кое под совет на вашиот другар Горан Николовски-Џони од УБК снимал во домашен притвор. Многу прашања има обвинителке!

Ова ви го пишувам намерно, затоа што свесно ја правите недоветна целата јавност која слушна дека и вас обвинителке ве снимал/е, а вие тоа го потврдивте сами.

Затоа обвинителке, наместо да фрлате чифтиња на сите страни, да обвинувате и преку вашето писмо да се обидувате токму вие да вршите притисок над институциите кои сега вас ве оценуваат (во стилот на познатата фраза „калето кажа“ – изговор на вашите удбашките другари), одговорете ѝ на јавноста на прашањата кои јавно ви ги поставив – „Кој ве снимал, обвинителке?“ и „Дали тоа ве доведе во ситуација да тргнете самите против себе преку овие писма кои само потврдуваат колку малку знаете за што зборувате и која е вашата вистинска улога во државата?“

Прочитав дека „Никој не се мешал во туѓа битка“. Се согасувам …, со таа разлика што сите мои аргументи за начинот на вашето постапување не добија толкав публицитет како вашиот дуел со УФП. Јас мојата битка против вас ја добив на Суд без ничие мешање и навивање, туку напротив – со сопки, со аргументи и со вистинското оружје – вистината која очигледно многу ве заболе!

За сега толку обвинителке …

Следниот пат кога ќе решите да го земете во уста моето име презиме, бидете спремни дека нема да ве персирам како во ова јавно обраќање. Бидете свесни и спремни дека, неможете на сила да замолчите правдољубив човек во битка која вие ја водите на погрешната страна. Кога нема да бидете на таа позиција која несовесно и неетички ја практикувате ќе се соочите со многу болни факти за вашите злоупотреби за кои има живи сведоци, предмети и факти, а тие не одат заедно реториката за „бугаризацијата“ и „уставобранителите“ … Знаеш за што зборувам!

Наместо да се додворувате на протестантите против „бугаризацијата“ обвинителке, која очигледно сакате да ја нагласите преку воведот од писмото со „бугарски куршум“ и „бугарски затвор“ и да ја добието поддршката од сите про протестираа, одлучете се дали сте политичар или сте јавен обвинител. Едното со другото не оди! Од приложеното до сега очигледно сте латентен политичар кој има став за преговорите со ЕУ, а тој став го практикувате преку рушење на државните институции и угледот на државата преку вашите полноќни „прохибициски“ писма, ала Елиот Несс.

Да …, РСМ ќе почне преговори со ЕУ и тогаш ќе ви дојдат сите европски институции кои ги повикувате. До тогаш, обвинителке, ќе треба да ги вметнеме Бугарите во Уставот на РСМ кои и вие треба да го штитите и нема да може да го рушите правниот поредок заради интересите на несудениот „бугарски конзул во РСМ“ со кој се спогодивте. Тој ве снимал (вие го посочивте) со помош на неговите бугарски пријатели?

Очигледно обвинителке, вашите заложби и желби за ЕУ и вредностите се само блеф за некој иден митинг на која и вие може да зборувате зошто РСМ не треба да почне преговори со ЕУ под вакви услови …, заради таквите како вас и вашата клиентела на која ѝ дадовте привилигирани анти-ЕУ услови.

Се гледаме во иднината обвинителке Русковска!

Поврзани новости