Последниот говор на Иванов за Илинден и неговата ретроградност

by fokus

Изгледа претседателот кој една деценија молчеше, има намера последната година од својот мандат да прозбори и да направи штета од несогледливи размери. Вчерашниот говор на Иванов во Крушево предизвика гадење кај дел од јавноста и бурни екстатични овации кај другата. Зависи кој за што се определил, дали за мултиетничко општество, или за Македонија на Македонците.

Малку ќе биде еден ден за да се набројат сите катастрофи што и се случија на земјава изминативе десет години, а кои Иванов ги премолче, но кој сега предупредува на национална катастрофа. Нели беше национална катастрофа криминалот на неговата партија која го држеше во грч цело општество? Нели беа национална катастрофа пислушувањето на илјадници луѓе? Нели беа национална катастрофа самите разговори кои открија низа злоупотреби кај функционери од неговата партија?

Каков е тој ментален склоп кој може да верува дека криминалот и партиското заложништво на државата не се спротивни на националните интереси, туку дека референдумот е?

Единствено за олеснување е дека ова ќе биде последниот говор на Иванов за Илинден, бидејќи во април следната година му завршува вториот мандат, а со тоа и голготата да имаме бламажа од претседател. Мачно е да се слуша како тој зборува, не само поради содржината на реченото, туку и поради тоа што очигледно си има потешкотии при изговарање на зборовите. Што е очекувано бидејќи поголемиот дел од времето молчеше.

Но штетата што ќе ја предизвика последната година може засекогаш да и пресуди на Македонија. Жално е кога еден човек е толку отупен и несевесен за тековите од своето време, што изгледа како да ќе го поклопи бранот од цунамито што го предизвикал.

Таков е Иванов. Предизвикува штета, која не може да ја разбере и која ќе ја поплави целата нација, вклучувајќи ги и неговите потомци. Но тој можеби за сега се чувствува безбедно од Вила Водно каде од високо би ги надгледувал поплавите во кои ќе се давиме.

Во секој случај една трагична фигура која не може да ја предвиди катастрофата која ја предизвикува. Траги-комична попрво, затоа што беше смешно да се гледа занесот со кој го чита говорот, мислејќи дека застанува цврсто во одбрана на државноста, а всушност испушта отровни зборови кои како корозија ги нагризуваат нејзините темели.

Но мора да е многу горд затоа што успеја да ја импресионира својата сопруга. Маја Иванов одушевено ракоплескаше и не седна дури ни откако Иванов се симна од говорницата и се врати на своето место. Таа уште долго ја држеше насмевката на лице, одушевена од патриотските изблици на својот сопруг.

И така исполнети со благородните чувства на националност и припадност си го прославија на свој начин Илинден, додека во позадина навивачките групи скандираа барајќи смрт и гасни комори за еден друг народ.

Маја Васева

Поврзани новости