Последен е овој воз за нас – Миле Кузмановски и се врати на својата голема љубов

by fokus

Фолк ѕвездата Миле Кузмановски, познат во јавноста и како крал на фолк баладите, и се врати на својата голема љубов, снимањето на љубовни балади. Деновиве тој ја промовираше новата песна со наслов ,,Последен воз” и видео спот за истата.

Музиката и аранжманот за истата се на Рубин Димкоски, додека пак текстот е на Орце Зафировски.

Кузмановски, кој зад себе има долгогодишна музичка кариера, важи како изведувач на една од најпопуларните и најизведувани балади ,,Не кани ме”. На неговиот репертоар има песни со различна динамика, но сепак, баладите најмногу,,му лежат” и промоцијата на секоја нова балада минува со голем интерес и многу позитивни реакции од страна на неговите слушатели.

,,Крал без круна”, ,,Роман”, ,,Презиме” и многу други љубовни песни кои ги отпеал во изминатите години, станаа евергрини.

Лани, во интервју за ,,Фокус” пејачот раскажа дека започнал со снимање на материјали кои ќе се најдат на неговиот нов албум.

-Последниот албум ,,Крал без круна” го снимив пред пред околу четири, пет години и задоволен сум од реакциите, од тоа што песните останаа да живеат. Обично, не сакам да коментирам во јавност пред некоја работа целосно да се заврши, но да, снимам нов албум.
Сега, на новите материјали исто така работам со одлична екипа, голем дел од авторите на песните се млади и надежни луѓе, значи со млади сили одам напред. Ќе има неколку балади, кои се неизоставен дел од мојот репертоар, но и побрзи, весели песни.
Најверојатно, десет, можеби и повеќе ќе се најдат на албумот. Едвај чекам да влезам во студио, ќе започнеме со снимање на спот за една од новите песни, а во план ми е снимање и на повеќе спотови во иднина – раскажуваше Кузмановски во минатогодишното интервју.

Тогаш ни откри дека има исполнет живот и како се радува на секој нов ден со трите ќерки и сопругата Јасмина.
Близначките Ана и Јана биле средношколки, додека пак најмалата, Ева има неполни три години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости