После Левица, се роди и Десница

by Фокус

Партијата за економски промени 21 (ПЕП 21) после 10 години се ребрендира и во иднина ќе го носи називот Десница.

Како што велат од партијата, чија претседателка е Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско осигурување, членството на Собрание одржано во мај минатата година даде иницијатива која во ноември на вонредно Собрание резултираше со Одлука за промени.

-Согледуваме дека сме го направиле вистинскиот чекор и избор – ребрендирањето на партијата да го означи и нашиот самостоен пат. Членство почувствува потребата не само од ребрендирање туку и потреба пред се да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија. Десница се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Приклучувањето на Македонија во Европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување, како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција – вели Јовановска.

Десница бара промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија.

Инаку, оваа партија долго време беше дел од коалицијата на СДСМ предводена од Зоран Заев, меѓутоа веќе не е дел од овој сојуз и настапува самостојно.

Поврзани новости