Посакувам никогаш да не го добиете вирусот, а да се однесувате како веќе да го имате – вели директорката на велешкото шумско стопанство која е позитивна на корона вирус

by Fokus

Директорката на велешкото шумско стопанство Бабуна, Љубинка Попова, заедно со нејзиниот сопруг и возачот во ЈП Национални шуми се првите три лица од Велес кај кои беше потврден корона вирусот.

Резултатите од нивните тестови пристигнале во средата, на 25-ти март, по што тие биле сместени на Инфективното одделение во болницата во Велес.

За ,,Фокус” Попова раскажува за случувањата, за првичниот шок, емоциите, но и за сите превземени мерки од страна на дирекцијата во нејзиното претпријатие, од каде повеќе лица се позитивни на вирусот, а речиси сите вработени се во самоизолација.

-Посакувам никој никогаш да не го добие вирусот, а во исто време, сите да се однесуваат како веќе да го имаат, да се самоизолираат и да ги сфатат сериозно препораките на Владата. Само така можеме да се избориме и да ја надминеме оваа состојба – вели директорката во телефонски разговор.

Смирена, трпеливо во детали ја појасни состојбата во која се наоѓа таа, нејзиното семејство, но и вработените во претпријатието и нивните блиски. Раскажува дека нема никакви симптоми, не прима терапија, и доколку не се случило тестирањето и добиениот позитивен резултат, таа не би знаела дека има корона вирус.

-Како започна се? Дирекцијата ни е сместена во Скопје, па така раководителите од сите подружници барем еднаш неделно патуваме таму. Сметам дека критичната недела, односно околу една недела пред 19-ти март, кога бевме информирани за првиот позитивен случај во претпријатието, е периодот кога сум го добила вирусот, бидејќи тогаш работно бев во Скопје. Се сеќавам точно на времето, беше 10 часот и 45 минути на 19-ти март кога телефонски бевме известени дека има позитивен случај кај нас во дирекцијата (првиот заболен пациент од Кавадарци, функционер во Национални шуми). За помалку од 10 минути ја затворив подружницата, ги пратив сите вработени дома и ги информирав за случајот. Не се губеше време, се следеа сите препораки. Веднаш се јавив на Инфективно во Велес, информирав за се, се јавив и во Центарот за јавно здравје Велес и барав да ми биде земен брис. Ја информирав и матичната лекарка, бидејќи неколку дена наназад мојот сопруг имаше покачена температура, па мислевме дека се работи за настинка и тој се лекуваше. Сакав сите со кои сум била во било каков контакт, дури и од само неколку минути, да знаат, и да се самоизолираат. И покрај тоа што немав направено тестирање, и не можев да знам дали сум позитивна на вирусот, јас веднаш се изолирав дома и чекав од Центарот за јавно здравје да дојдат и да ни земат брисеви. Тоа се случи дури во понеделникот, на 22-ри март. Моите деца и родителите исто така беа уште веднаш изолирани, во одделни простории. Резултатите од тестирањето ги добивме дури на 25-ти март. За жал, јас, мојот сопруг и возачот од претпријатието бевме позитивни и сместени на Инфективно во велешката болница – раскажува Попова.

Додава дека таа уредно ги пријавила сите контакти со лицата од работа, но и со нејзините блиски, со цел да бидат изолирани, а сите простории во подружницата биле дезинфицирани според прописите.

-Од 19-ти, па се до 25-ти, кога конечно ги добивме резултатите, помина доста време. Би упатила апел до надлежните, тоа време на чекање да се скрати, во интерес на сите е. По добивањето на резултатите, откако не сместија во болницата, работите добија подобар тек. Состојбата на мојот сопруг е стабилизирана, нема повеќе температура, во стабилна состојба се и останатите позитивни лица од Велес – вели директорката.

Вкупно од градот позитивни се шест лица, четворица вработени во ЈП Национални шуми и две лица во роднинска врска со нив. Попова вели дека искрено се надева како бројката ќе запре овде и нема да има повеќе нови случаеви.

-По првичниот шок, можам да кажам дека сега веќе сме смирени. Грижата за блиските секогаш е многу поголема отколку грижата за самиот себе, дури и во ваква состојба. Пресоналот во велешката болница ни пристапи доста професионално, со една позитивна енергија која многу ни беше потребна во овој период. Се чувствуваме сигурно, а од разговорот и самите можете да процените дека јас не чувствувам никакви симптоми. Единствена промена е што пијам повеќе вода, имам потреба од повеќе течности, а верувам дека има и други лица кои слично како мене, без симптоми, несвесно го носат вирусот. Токму поради тоа, самоизолацијата е најважна. Се ќе биде во ред, мораме да мислиме и на претпријатието, работите таму функционираат и покрај тоа што многу вработени сега работат од дома. Чуварите се кај складовите, работата на терен продолжува. Криза за дрва ќе нема, сечата е активна, вработените кои работат на терен, во шумата, се активни. Фирмата мора да работи – појаснува таа.

Околу информациите дека покрај четирите позитивни лица од Велес и едно лице од Кавадарци, сите вработени во Национални шуми, и во Скопје има два позитивни случаеви во дирекцијата, додава дека таа може да каже само за нејзината подружница, и остава на нејзините колеги да се произнесат по повод прашањето.

-Јас можам да кажам само за случувањата во Велес. За другите подружници не сум компетентна да давам информации. Со сите мои вработени сум во постојан телефонски контакт, помина првичната еуфорија и шок, полека се стабилизира целата состојба – вели Попова.

Изминативе денови веста за појавата на корона вирус во ЈП Национални шуми е актуелна не само во Велес, туку и во Кавадарци и Скопје. На социјалните мрежи имаше низа на обвинувањата и напади врз позитивните лица, но и информации од граѓани кои тврдеа дека голем број на жени вработени во претпријатието биле на Осмомартовски екскурзии во ризични земји, како Чешка, Германија и Австрија и со тоа го довеле во опасност колективното здравје.

Попова вели дека жените од нејзината подружница имале аранжмани во Италија, но сите до една ги откажале на време и заминале на екскурзија во Вруток и во Лешок. За оние од другите градови, кои заминале во странство, вели дека не може да коментира.

-Секоја жена вработена во ЈП Национални шуми сама си одлучува кога ќе побара денови од годишниот одмор и директорите немаат право да им се мешаат во тие одлуки. Кај нас празничните патувања се на сопствен трошок, значи секоја вработена сама одлучува дали и каде ќе патува. Ние, од подружницата од Велес решивме на 6-ти март да заминеме во Вруток и Лешок. Приватните аранжмани во Италија се откажаа. Не е во моја надлежност да зборувам за вработените во подружниците од други места – тврди директорката.

-Со тек на време сите ќе застанеме на нозе, ќе помине и ова. Никој не се надеваше на нешто вакво, никој свесно не загрозил било кого, барем за вработените во мојата фирма можам да го кажам тоа без сомнеж. На јавниот линч и лошите коментари кои деновиве ги преплавија социјалните мрежи, не реагирам. Секоја вистина кога – тогаш ќе исплива на површина. Она што го забележав, и во ова време на пандемија, кај нас дури и сега се гледа политиката, во оваа ситуација. Според коментарите може без проблем да се процени кој на која политичка партија припаѓа, барем од она кое се коментира во мојот случај, тоа е повеќе од очигледно. Бев нападната и на партиска основа, мислиш вирусот избира според партиска припадност. Јас свесно никого не изложив на опасност и тоа е единствената вистина во случајот – ни изјави Попова.

На крај на разговорот, повторно апелираше да се почитуваат мерките на Владата, но и да се покаже почит кон заболените и да се сочува нивното достоинство.

-Според закон, заболените не смеат да се именуваат во јавност. Моја одлука беше јавно да излезам и да раскажам за случувањата. Проценив дека нема зошто да се кријам. Велес е мал град, луѓето се знаат меѓусебно, но и покрај тоа, мојот став е дека вирусот не смее да биде табу тема. Сите заедно сме во оваа борба која со самодисциплина и следење на препораките ќе ја извојуваме – порача велешанката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости