Портрет: Стево ПЕНДАРОВСКИ

by Фокус 17:00
17:00

Текстот е објавен на 14 март 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 962

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

- Advertising -

Првите месеци по промената на власта, 1998-та, кога во „Фокус“ ги објавувавме писмата на Гоце Делчев, Даме Груев и на другите војводи, кои на Љубчо Георгиевски му пишуваа „За ова ли се боревме, војводо?“, редовно ја черечевме и кадровската политика на новата власт. Една од причините беше што преку Демократската алтернатива на Тупурковски, многу стари кадри од СДСМ ѝ се измолкнаа на кадровската обнова.

Така, еднаш се случи да го изрезилиме ВМРО-ДПМНЕ што токму Стево Пендаровски стана портпарол на МВР. Знаевме дека во Министерството е од почетокот на 1990-тите, а тогаш вмровец не можеше ниту квака да фати во полициска станица, освен ако таму не влезе со лисици на рацете, а не, пак, да стане аналитичар.

Се сеќавам оти по текстот бурно реагираше вицепремиерката Доста Димовска. „Стево ниту е член на СДСМ или ДА, ниту, пак, е стар кадар“, се жестеше железната леди. Ни објасни дека е добар безбедносен аналитичар, дека нема врска со транзициските махери на Црвенковски, ниту, пак, бил дел од безбедносно-разузнавачките афери – Дувло, Сина птица, кои удбашите му ги местеа на ВМРО-ДПМНЕ, а што е најважно, ни рече, не ги валкал рацете со режимот на Милошевиќ.

„Прво треба да го запознаете, а потоа да судите за него“, инсистираше Димовска.

Како новинари, многу брзо го запознавме Пендаровски. Бевме задоволни што од него дознававме многу дотогаш недостапни информации, се разбира, во доверба, „off the record“. Беше зборлест и отворен, а таков остана до денес.

Но, кога ќе помислевме дека ни открил некаква безбедносна или државна тајна, со која веќе утре ќе ја потресеме јавноста, веднаш ќе забележевме дека тој, всушност, само добро ги спакувал полициските информации што и онака можат да се објават, нѐ шармирал со своето внимание и ерудиција и ни врзал прекрасна пиар-машничка.

ТРИО ПОРТПАРОЛИ

Стево влегува во МВР на почетокот од 1990-тите благодарение на демократскиот бран, кој во полицијата го изборија славните „осуммина“ од крајот на 1980-тите. Вработување во полицијата му предлага Гроздан Цветковски, подоцна директор за аналитика во Агенцијата за разузнавање, а Павле Трајанов, тогаш потсекретар за јавна безбедност, го прифаќа.

Пендаровски отпрвин мисли дека полицијата не е за него, но му „цртаат“ дека МВР не е само џандарско дувло за отстрел на политичките противници, туку во аналитичкиот тим има место и за умни момчиња со демократски усет, со кои ќе се гради новиот демократски безбедносен сервис на граѓаните.

Брзо напредува и станува началник на аналитика. Новиот министер за внатрешни работи во владата на Георгиевски, Трајанов од него бара да биде и портпарол – но, само привремено, додека најдат друг.

Сепак, пука косовската криза и Пендаровски нема време за замена, туку станува дежурна ТВ фаца. Од Брисел преку ТВ екраните ни се обраќа портпаролот на Алијансата Џејми Шеј, а во Македонија ни глаголи Стево. За арно или за лошо, Пендаровски е во етерот.

Тоа е период кога Македонија ја дрма силен регионален безбедносен земјотрес, преку ноќ никне бегалски камп во скопското село Стенковец, се ројат ужасни слики на глобалните ТВ мрежи за судбината на 200.000 косовски бегалци… но, за волја на вистината, власта барем располага со врвен пиар-тим: Антонио Милошоски, портпарол на Владата, Ѓорѓи Трендафилов, гласноговорник на Министерството за одбрана, Стево Пендаровски, главен за односи со јавноста на МВР!

Таква умешна пиар-елита нема преседан во македонската куса демократска политичка историја. Единствено може да се спореди со ударната тројка на РК Металург од денешната Лига на шампионите – Ренато Вугринец, Павел Атман, Наумче Мојсоски!

БИТКА ЗА ВИСТИНАТА ВО АРАЧИНОВО

Тројката портпароли ќе ја дочека и војната со ОНА во 2001 година. Но, зимата пред да грмне во Липково, Стево добива повик од својот пријател Никола Димитров, кој тогаш е советник за национална безбедност во кабинетот на претседателот Борис Трајковски, и како најмлад амбасадор во историјата на државата нестрпливо чека да замине во Вашингтон. Арно ама, шефот не му дава да оди пред да најде замена.

На Пендаровски отпрвин не му се оди никаде, но откако се создава влада на широката коалиција, во мај 2001-та, а во МВР прв пендрек станува Љубе Бошкоски, кој има желба да го трампа со Ѓорѓи Трендафилов, Стево, сепак, прифаќа да влезе во претседателскиот кабинет.

За улогата на Пендаровски во воената криза има многу сведоштва, а тој и самиот подоцна говори нашироко во снимените документарни ТВ програми. Најпозната од тоа време е драмата околу Арачиново. Стево е на состанокот во хотелот „Белви“, каде што се кршат копјата со претставниците на НАТО околу извлекувањето на „учките“ од селото сосе оружје. Пендаровски подоцна јавно ја разбива квази-херојската хипернационална и лажно-патриотска фантазмагорија, според која нашите специјалци ќе ги здробеле терористите, да не ги спаселе НАТО и Американците!

Наспроти колективната параноја за нашата опеана воена сила и моќ, која ја подгреваше Љубе Бошкоски со изјавата дека заедно со „лавовите“ утредента напладне ќе пие кафе на селското гумно во Арачиново, Пендаровски посведочи дека цената на нашата воена победа, во човечки жртви, тогаш можела да биде многу висока, а последиците многу крвави.

Како и да е, во кабинетот на Трајковски, Стево ги билда своите врски со претставниците на т.н. меѓународна заедница. Со „озлогласениот“ Питер Фејт е на „ти“, како и со олеснувачите Лероа, Леотар и Пердју, а главно ја води и писмената комуникација на претседателот со странски државници, откако брзо ја освојува довербата на Трајковски. Тој е автор на речиси сите говори, писма, обраќања и настапи на претседателот.

Борис не дозволува ниту честитка да излезе во негово име, а да не ја види Пендаровски, што создава фрустрации кај другите членови на Кабинетот.

Со своите јавни настапи, особено по воената 2001 година за она што се случи за време на конфликтот, Пендаровски стекнува доверба и кај Албанците.

ТРАЈКОВСКИ СЕ ПРЕВРТУВА ВО ГРОБ

Мостарската трагедија на 26 февруари 2004 година го затекнува Пендаровски во Даблин, каде што тој патува со владината делегација предводена од премиерот Црвенковски, за да ја поднесе кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ. Владејачката партија денес го прозива Пендаровски зошто не се качил во „кингерот“, сугерирајќи дека однапред знаел оти авионот ќе падне!?

Пендаровски веќе ѝ одговори на јавноста оти во Даблин отпатувал токму по налог на претседателот, а одбивајќи го подлото политичко подметнување, сугерираше зошто исто такво прашање владејачката партија не им постави и на вмровците Андреј Лепавцов, Зоран Јолевски и Душко Кадиевски, исто така забележителни членови од Кабинетот на Трајковски кои не се качија во „кингерот“.

Но, да не е евтин политички куршум во празно, сомневањето зошто Пендаровски не се качил во авионот претполага дека тој најмалку имал информации дека ќе се случи атентат врз претседателот, ако веќе и самиот не учествувал во заговорот!? Да не е патетично и апсурдно, ваквото обвинување на ВМРО-ДПМНЕ досега требаше да предизвика апсење на кандидатот за претседател на СДСМ.

Но, никогаш не вели никогаш, којзнае што се може да му текне на Груевски, особено ако пред избори излезе извештајот на најновата официјална истрага во Босна.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ не е докрај искрена кога постхумно го велича Трајковски и се обидува мостарската трагедија да ја злоупотреби за политички цели. Како поинаку да се разбере сонот за „второ полувреме“ на 2001-та, кој најгласните партиски труби го препишуваат во вид на рецепт за мирнодопски пораз на „учките“. Предизборниот речник на владејачката партија кон својот коалициски партнер е полн со етнички набој, а Борис се превртува во гроб поради таквата „пацифистичка“ реторика!

ГРУЕВСКИ МУ ПОМОГНА НА ЦРВЕНКОВСКИ

Погибијата на Трајковски во 2004 година предизвикува предвремени претседателски избори. Пендаровски е во кабинетот кога тогашниот шеф на Собранието Љупчо Јордановски му вели дека тој е најпогодна личност за претседател на ДИК. Прифатлив е за ВМРО-ДПМНЕ како близок соработник на Трајковски, а и СДСМ нема ништо против него. Но, ВМРО-ДПМНЕ денес го обвинува дека токму со неговиот глас, 5 наспрема 4, во комисијата биле одбивани нивните партиски жалби за нерегуларности при изборот на Црвенковски за претседател.

Сепак, жалбите што тогаш ги одбива ДИК се однесуваат на оспорување на бројот на гласачи во средини населени со Албанци, а не на резултатот на кандидатот Сашко Кедев. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше цензусот, кој тогаш беше на високите 50 отсто од избирачкото тело. Но, за апсурдот да биде поголем, факт е оти токму Груевски не ја поддржа идејата за бојкот на претседателските избори, која ја поткрепуваше партискиот „отпадник“ Љубчо Георгиевски, откако не беше прифатена независната претседателска кандидатура на Љубе Бошкоски.

Значи, да сакаше Груевски да нема цензус и Црвенковски да не биде избран, тоа и ќе се случеше. Со гласовите за Кедев, Црвенковски, сепак, стана претседател, а потоа, пет години подоцна, лидерот на СДСМ го направи истото, односно со гласовите за Фрчкоски му помогна на ВМРО-ДПМНЕ Иванов да биде избран.

Најмногу крв ВМРО-ДПМНЕ му пие на Пендаровски, затоа што влегол во кабинетот на Црвенковски. Пред тоа, година и пол Стево останува во ДИК, а Црвенковски, сакајќи да ја испочитува желбата на покојниот Трајковски, му нуди амбасадорско место во НАТО. Но, Стево бара да се врати на истото место како во времето на Трајковски. Во кабинетот на „државникот“ Пендаровски има малку порезервирана улога. Црвенковски помалку го интересира светот.

Иако никогаш немал книшка на СДСМ, во 2010 година Пендаровски се вклучува во партискиот дипломатски совет, како и во советот за НАТО и ЕУ интеграции, како надворешен член. Тој е дел од тимот кој со претседателот патува во Букурешт на самитот на НАТО и сведок е на сцената кога и Груевски и Црвенковски се согласиле Македонија да го прифати името Република Македонија – Скопје, како компромис за државата да стане членка на Алијансата, нешто што Груевски одбива да го признае до денешен ден.

И навистина, сите досегашни улоги на Пендаровски, особено оние во кабинетите на Трајковски и Црвенковски, го прават кандидатот на опозицијата непријатен сведок, кој ги минира смешните преданија и сказни на владеачката партија за патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ и за предавствата на опозицијата. Да го немаше Пендаровски, на Груевски многу лесно ќе му минуваше таа приказна.

„УКРАИНСКИ“ КАНДИДАТ

Посериозен влез во политиката Пендаровски прави кога на предвремените избори во 2011 година станува дел од тимот на Радмила Шекеринска. Стево тогаш ја губи „партиската невиност“ и во кампањата на Рада излегува на митинзите. Повлекувањето на Црвенковски од партиското кормило лани го исфрла како еден од најсериозните кандидати за лидер на СДСМ. Се шпекулира дека дури и странските амбасадори навиваат за таква разврска и лично го убедуваат да се кандидира. Но, Стево на сите им одговара оти лидер на партијата може да биде само некој што е долгогодишен член на СДСМ.

Изборот на Пендаровски за претседателски кандидат на опозицијата не ја прави рамнодушна власта, ниту, пак, ги смирува нејзините сателити, отпадници од СДСМ, новите партии итн. Впрочем, ретко кој од нив има лоши зборови за кандидатот Стево. Кога владините медиуми се обидуваат да го дисквалификуваат како кандидат на западните амбасадори, вистински загрижените аналитичари блиски до власта знаат оти народот не пие руска нафта.

Кандидатурата на Стево доаѓа во моментот на кризата во односите Запад – Русија, по настаните во Украина. Пендаровски и самиот е дежурен аналитичар во медиумите за геополитичките и за безбедносните прашања. Се разбира, тој никогаш не ги потценува геостратегиските предности на Русија, но додека власта има две политики за тоа каде треба да се движи Македонија, едната јавно – кон Брисел, другата тајно – кон Москва, Пендаровски нема такви дилеми.

Тој верува оти е вистинска спротивност на својот противкандидат Иванов. Транспарентен, отворен, комуникативен, Стево е свртен кон иднината и, како што вели, по овие избори не би сакал да дојде до „гадафизација“ на Македонија. Пендаровски ја гледа својата шанса во тоа дека на СДСМ, ваков каков што е, може да му додаде вредност. Како политички лик кој не е инфициран со партиска транзициска политика, без петна, тој има намера да привлече неопределени и нови гласачи, млади кои вообичаено не гласаат, и жени.

НЕМА ШТО ДА ИЗГУБИ

Но, резултатот на Пендаровски најмногу ќе зависи од тоа дали и колку Албанци ќе гласаат за претседател – Македонец. Владејачката ДУИ објави дека ќе ги бојкотира изборите, па, сепак, на терен нема да може да ги спречи Албанците да земат ливче и да гласаат.

Пендаровски е растоварен од тие грижи. Тој е предизвикувач, за него е важно граѓаните да ги чујат неговите пораки, а Иванов и Груевски се тие што треба да се плашат и да бидат загрижени зашто за првпат по неколку изборни циклуси, опозицијата може да се надева на вистински мегдан.

Се разбира, Груевски нема да остане со скрстени раце. Менаџирањето на изборите ќе биде главна карактеристика пред вториот круг. Црн кеш има многу, а СДСМ тоа го знае, зашто и ним им се нудат разни мешетари. Згора на тоа, власта има неограничен извор на пари. Ако се има предвид досегашното искуство на изборите, изборната машинерија на ВМРО-ДПМНЕ, корупцијата на гласачкото тело, притисоците, црната кампања што се очекува, Иванов е секако фаворит, но Пендаровски не е без изгледи.

Иванов е дел од естаблишментот, човек на институциите, на академијата, на државниот универзитет, на црквата, на владата, на сите потпишани и непотпишани државни интелектуалци… Пендаровски може да загуби на изборите, но нема што да изгуби. Верува дека ако ништо друго, тој е човекот што навестува модерна, евроатлантска Македонија.

Успехот или неуспехот на неговата кандидатура треба да даде одговор дали Македонија е сѐ уште заробена во минатото и дали сите граѓани, вклучително и Албанците, мислат на заедничката држава или само на својот етнички дел од Македонија.

Пендаровски сака да нѐ стави на испит сите – ако стане претседател, тој верува дека во Македонија се можни промени. Претседателските ингеренции не се големи, тој не може без владата да направи ништо, да речеме за спорот за името, но може да биде глас на вистината, наспроти лагата, да ги разбива античките илузии, да ни ги отвора очите за инвестициите и инвеститорите, да се бори за правда, за слобода на изразувањето и на медиумите, за човекови права.

Пендаровски има намера да ја најави модерна Македонија. Македонија, во која и на популизмот на власта, но и на контрапопулизмот на опозицијата, ќе почне да им се одбројува. Тој е шанса – Македонија да ги порази старите болшевички матрици и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и на ДПА. Да им ги избие подземните калкулации на Ахмети и на Груевски, на Тачи и на Заев.

Со неговата кандидатура, Македонија на светот му испраќа порака дека голем дел од населението, Македонци, Албанци, млади и жени, студенти и работници, фејсбук-генерацијата, го креваат гласот за својата иднина!

НОВИ ГЛАСАЧИ, ЖЕНИ И СТУДЕНТИ

На претседателските избори во 2009 година, Имер Селмани доби десетици илјади македонски гласови. Една од причините за тоа беше што Селмани привлече и многу женски гласови, а во „мачоистичките“ земји како Македонија тоа не смее да се занемари. Многу жени го сметаат и Пендаровски за згоден и привлечен маж.

Неговите студенти, пак, велат дека предавањата на Пендаровски на Американ колеџ ги слушаат и колеги од други факултети, а во анкетите на универзитетот, како причина зошто студентите го избрале токму Американ колеџ, анкетираните го споменуваат и неговото име!

Поврзани новости