Портрет: Ѓорге Иванов

by Фокус 17:00
17:00

Текстот е објавен на 21 март 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 963

Пишува
Зоран ДИМИТРОВСКИ

- Advertising -

Како новинар во „Студентски збор“ уште во осумдесеттите години на минатиот век бев слушнал за Ѓорге Иванов, тогаш член на републичката младинска организација, умно момче од Валандово со особен интелект и техничка дарба. Како и многумина други студенти од внатрешноста, членови на т.н. Сојуз на социјалистичката младина, Ѓорге се обидуваше да гради политичка кариера во поранешна Југославија.

Сепак, меѓу интелектуалната млада политичка елита во Скопје, Ѓоле стана познат по посетата на младинска делегација на прославата на јубилејот двесте години од Француската револуција, летото 1989 година во Париз. Беше тоа светски настан број 1, па Французите ја отворија широко Триумфалната капија за младите од целиот свет, а низ неа се протнаа и Титовите младинци од тогашна СФР Југославија, која глумеше оти има многу заеднички вредности и идеали со Француската револуција.

По враќањето од Париз, делегацијата не беше толку фасцинирана од светлоста и гламурот на француската престолнина, ниту од блескавите огномети над Елисејските полиња во чест на идеалот „Слобода, еднаквост и братство“, туку од однесувањето и постапките на Ѓорге Иванов во Париз!

ЦИВИЛНО ОПШТЕСТВО, АНТИЧКА ДЕМОКРАТИЈА

Како што ми шепнаа тогаш неговите среќни сопатници, Иванов со неуморен ентузијазам и со висок национален порив секаде каде што можел и каде што ќе стигнел, на автомобили, на ѕидови од куќи и слично лепел налепници на кои вриштело името Македонија.

Оваа слика секогаш ми доаѓа пред очи кога ќе помислам на Иванов. Без оглед дали приказната ми е изворно и верно пренесена, или некој ја шминкал, впечатокот е ист. Во Иванов горел македонски патриотски оган уште во времето пред распадот на Титова Југославија, и тоа е она што го издвојува од другите млади политички кариеристи од негово време.

Мојата прва значајна средба со Ѓорге беше пролетта 1994 година, кога дојде во „Млад борец“ заедно со Ило Трајковски, тогаш свеж доктор на социолошки науки. Јас штотуку се бев вратил од Будимпешта од постдипломски студии и на Иванов му дадов еден мој академски текст за цивилното општество, за да го чујам неговото мислење. Ило и Ѓорге беа македонски шампиони на цивилното општество, политичка теорија која во тоа време немаше многу приврзаници. Разговаравме жизнено, а Иванов ми се откри во ново светло, ги бранеше идеалите на слободата, демократијата, човековите права и особено волшебниот невладин свет.

Навистина, македонската демократска пролет, чија прва ластовичка тогаш беше „Млад борец“, имаше двојна, измешана кауза – од една страна битка за демократија, од друга – стремеж за национална слобода. И затоа Иванов прекрасно се вклопуваше во таа политичка слика на раните 1990-ти.

Но, тој не постапи како некои тогашни младински функционери, не влезе директно во политиката, се определи за наука, иако беше јасно оти е на позиции на политичката левица. Всушност, во такви интелектуални кругови се движеше, таква му беше реториката, таква професионална судбина делеше со своите колеги на Правниот факултет, со своето семејство.

Иако за неговиот политички наклон кон ВМРО-ДПМНЕ, улога може да има и кривичниот процес против неговиот брат цариник во времето на владеењето на СДСМ, факт е оти нешто друго беше пресудно за Груевски како изненадување за сите да го кандидира за претседател во 2009-та.

Во дпмневските височини на политиката, Ѓорге го вивна тоа што години со ред ја беше студирал антиката, хеленската односно македонската античка демократија, која Груевски ја втемели во својата политичка филозофија. Александар Македонски стана научна и лична опсесија на Иванов, а митската визија за Македонија и славата на античкото македонско минато и наследство, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја беше закотвил како сидро во менаџирањето на војната со Грците за името и за неговата политичка предност пред СДСМ, неколку избори со ред. Упатените велат, ако не е идеолошки татко, тогаш Иванов сигурно е инспирација за проектот „Скопје 2014“.

ОД ПАКИСТАН ДО МОСКВА

Но, воените походи на Александар Македонски, за кои Ѓорге, како што велат неговите пријатели, говори и ден-денешен и речиси во секоја пригода, брзо станаа предмет на потсмев, кога една случка допре до јавноста. Во круг на пријатели, наводно, Иванов објаснувал научно како Пакистан го добил своето име. Кога војниците на Александар во битките со Дариј паѓале погодени од копје, Великиот цар им се обраќал со зборовите: Пак-ти-стани, пак-ти-стани (оттаму е демек, Пакистан). Еден од слушателите на историската приказна му се обратил на Иванов: А знаеш ли како Кур-ди-стан го добил името!? Александар им се обраќал на паднатите војници „кур-ти-стани“?

Искрено, кога го прочитав ова, повеќе ми личеше на добар мрсен виц отколку на вистинска случка, особено што не видов Ѓорге да се налути, да реагира или не дај Боже некого да тужи. Тоа веројатно говори за уште една добра човечка карактерна црта на Иванов – кој за разлика од своите вмровски пријатели нема обичај да тужи новинари што го напаѓаат политички.

Како и да е, опседнатоста со историјата на Македонија и со антиката е она што го обележа и неговиот мандат како претседател. Добронамерни пријатели на Иванов велат оти тој при секоја средба и патување во некоја земја – Казахстан, Азербејџан, Катар, Турција итн. сериозно ја анализира историјата на државата-домаќин, обидувајќи се да ги фасцинира своите домаќини со приказни од минатото и секогаш бара некаква врска со антиката и со Македонија.

Последната посета на државниот универзитет „Ломоносов“ во Москва, каде што претседателот Иванов држеше историска лекција е индикативна во оваа смисла. Пред научниот аудиториум на врвниот руски универзитет, Иванов прераскажа една научно неверификувана приказна на средновековен хрватски автор од Дубровник, претставник на панславизмот, чија монографија денес се смета безмалку за белетристичка литература, кој пишува оти уште во првите векови од новата ера „московитите говореле на јазикот на Александар“.

Со оваа историска лекција, Иванов се вброи меѓу оние Македонци кои ја поддржуваат тезата оти немало преселба на Словените од зад Карпатите на Балканот во шестиот век и дека ние денес не говориме никаков словенски јазик. Преселбата била во обратна насока, а јазикот на Александар, за кој нема историски траги, всушност е она што подоцна еволуира во јазик на Словените, старословенски јазик. Ваквата теорија ја застапуваат повеќе македонски шампиони на „преродбата“. За лекцијата на Иванов немаше научни одгласи од Москва, но да имаше таква историска вистина, не мислите ли оти научниците од „Ломоносов“ немаше досега да ја откријат?

ХАШКА ШАШМА

Античкиот историски непокор и одбраната на името е она што го одбележува мандатот на претседателот Иванов. Борбата за идентитетот на Македонија и Македонците е „алфа и омега“ и на неговиот отчет, кој деновиве го дистрибуираше во јавноста. Иванов во своето досие на успеси ја глорифицира Хашката пресуда од 2010 година (иако тужбата беше поднесена пред тој да стане претседател) со која Македонија меѓународно-правно ја победи Грција и во отчетот вели оти тоа го зголемило угледот на државата во светот.

Но, тој навивачки заклучува оти „правната сила на пресудата е поголема од правилата на меѓународната организација, како што е консензусот бидејќи меѓународните односи се темелат на меѓународното право“. Велам навивачки, зашто на Иванов, правникот и политичарот, сигурно му е јасно дека меѓународните односи се темелат на геостратегиските интереси на големите сили. Што се однесува, пак, до меѓународното право, покрај или наспроти Хашката пресуда, за жал, Македонија презела обврска да преговара со Грција за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името, со резолуциите на ОН и со Времената спогодба.

Иванов знае оти пресудата од Хаг може само да помогне, но никако не може да го замени политичкото решение на спорот. Сепак, за него не е политички опортуно тоа да го каже. Полесно му е да ја повторува безличната синтагма „разумен компромис“. Таа по патриотска потреба е „Република Македонија – ерга омнес“, а по потреба „решение што нема да го повреди идентитетот“.

Претседателот со политичка перверзија го гради и својот втор идентитет од младоста – битката за човекови права, демократија, цивилно општество. Не, не, тој никако не го заборавил демократот во себе! Напротив, само му вдахнал нова димензија. Каква?

Човековите права во неговата благоглаголива реторика се редуцирани на правата на етничките и религиозните заедници. Иако главната битка на Иванов е битката за јазикот и идентитетот на Македонците, кој е оспоруван од нашите соседи, пред сѐ од јужниот, тој здушно се залага сите народи, мнозински или малцински сеедно, да говорат на својот мајчин јазик и да ги негуваат своите културни традиции, зашто тоа е дел од нивниот идентитет.

Горд е притоа што Македонија е мултиетничко општество со највисоки стандарди за заштита на јазичниот и етнонационалниот идентитет на сите – Албанци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи и други. „Македонскиот модел подразбира интеграција без асимилација“, ќе рече во годишното обраќање пред Собранието во декември, 2010-та.

Сепак, фактот што политичките претставници на втората најголема етничка заедница во Македонија, Албанците, не ја поддржаа неговата повторна кандидатура, говори оти има сериозен проблем, ако не со моделот, тогаш со неговата примена. Македонците и Албанците живеат одделно, едни покрај други, во посебни светови, нив никако не ги зближуваат политичките коалиции кои се на власт, вклучително и оваа на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, која за владејачката партија е нужно зло, а претседателот речиси и да не презема никакви чекори и иницијативи да разговара со лидерите на партиите на Албанците.

За волја на вистината, мандатот на Иванов не може да се обележи како антиалбански, но „космодиск-демократијата“ за која зборуваше пред почетокот на мандатот, која „изгледа шашаво, ама функционира“, има други, коруптивни основи.

ПОЛИТИЧКИ АУТИЗАМ

Претседателот постојано се фали оти иницира и „фасилитира“ конференции на лидерите на верските заедници во Македонија, на православните, муслиманите, католиците, протестантите, Евреите, залагајќи се за меѓурелигиски дијалог, за верски соживот и толеранција. Но, во неговата претседателска агенда речиси и да нема место за политички дијалог. Дијалог може да има само верски и етнокултурен. Во сферата на политиката изгледа владее Хобсовска војна на сите против сите.

Политичките партии во етнорелигиски плуралистичкиот свет на претседателот се препуштени самите на себе. Тој ги упатува своите проблеми да ги решаваат во институциите на системот, во државните институции, демек, во парламентот, во владата, во судовите и не сака да прифати оти таму тие се мајоризирани од владејачката партија. Иванов се однесува како институциите да не се партизирани, како ВМРО-ДПМНЕ да не го зграпчила цивилното општество за кое се бореше додека беше млад.

Политичкиот плурализам, демократијата, слободата на медиумите и слободата на изразувањето се мислена именка во вокабуларот на претседателот. Тој признава само верски и етнички плурализам, верска и етничка слобода на изразувањето. Она што е болката на Македонија надвор – непризнавањето на македонскиот јазик и идентитет, Иванов се однесува како да е негова ексклузивна обврска. Ајде за надвор, ама и дома!

Претседателот не сака да посредува ако има пожар во политиката. Тој е претседател на сите граѓани Албанци, Македонци, Срби, Роми, Власи… но се однесува како да не е претседател на сите граѓани ако тие се истовремено и членови на политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА… Останува демек доследен на своите ставови, како што се однесува и по прашањето за името. Инсистира и спорот за името и политичките кризи дома, да се решаваат со правни механизми! Но, тоа е политички аутизам пар екселанс!

Тоа што во Македонија граѓаните се жалат дека нема правда и правичност, дека судовите судат по политички нарачки, за Иванов не е тема. Тој не коментира неправедни судски одлуки, не се сомнева во непристрасноста на судството, не се меша во работата на државните институции. Едноставно, не се меша!

Минатата година не сакаше или немаше време, сеедно, да ги прими членовите на Иницијативниот одбор за ослободување од притвор на новинарот Томислав Кежаровски. Не упати на член во неговиот кабинет. Не сакаше да застане зад слободата на изразувањето, зад слободата на медиумите. А зошто би го направил тоа? Па, на Кежаровски никој не му го загрози ниту верскиот, ниту етничкиот идентитет? А дотука допира неговата надлежност!

ЗА ИДЕНТИТЕТОТ, БЕЗ ИДЕНТИТЕТ

Кроткиот карактер на Ѓорге е она што го понижи месец и пол пред изборите да нема поим дали повторно ќе биде претседателски кандидат, иако својот мандат си го одработи онака како што посака лидерот на владејачката партија. Навистина, претседателската функција во Македонија има повеќе манифестен карактер, но причината што Иванов се доведе во патетична ситуација, неколку дена пред конвенцијата неговата кандидатура по налог да ја потпишува државно-партискиот естаблишмент, е фактот што не се ни обиде да изгради сопствен политички идентитет.

Ако Киро Глигоров беше неприкосновен татко на нацијата, Борис Трајковски – миротворец, а Бранко Црвенковски умислен државник и транзициски махер, Иванов остана тврд бранител на името и идентитетот, но во длабока сенка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Својот претседателски имиџ Иванов го црпи од политичката душа на премиерот и тоа е истовремено негов хендикеп и негова предност. Хендикеп е – за неговото име да остане запаметено во историјата како политичар и државник, предност – ако смета оти како вагон на политичката локомотива Груевски, може да заврши во македонските легенди.

За жал, Иванов ќе остане запаметен само како претседател на Македонија во времето на Никола Груевски. Како прва придружничка на изборот за мис идентитет на Македонија! Тој непотребно ја врза својата политичка судбина за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, иако има повисок интелектуален, морален и човечки капацитет од Груевски.

Зад името на Ѓорге Иванов нема финансиски афери. За разлика од политичката фамилија на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге е чист како солза. Нема вмешано прсти во финансиската пералница – проектот „Скопје 2014“, а се чини дека нема никаков пристап ниту до црните фондови на партиската елита. Ѓорге е пролетер и најверојатно може спокојно да спие. Но тоа е мала сатисфакција.

Дуелот со кандидатот на опозицијата, Стево Пендаровски, за Иванов не е директна политичка битка од која тој треба да се плаши. Можеби не е подобар полемичар од Стево, иако е добар говорник, но тој зад себе ја има државно-партиската машинерија на ДПМНЕ, партиското гласачко тело, контингентите гласачи. Зад него по наредба или по дифолт стојат и црквата и академијата и администрацијата и државните научници, и глумците, и спортистите, и писателите, сите што се хранат на државно-партиска дојка, вмровската платена булумента распослана во институциите на Македонија.

Но, иако е во реална предност да добие уште еден мандат, за жал, Иванов не може многу да влијае врз својот избор. Не направи ништо да регрутира свое гласачко тело, не отстапи. За среќа, пак, и да загуби од Пендаровски, за што, сепак, постојат мали шанси, тоа нема да му се припише нему како пораз, туку на Груевски.

„Каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме“, е мото на претседателот Иванов на кое постојано инсистира. Тој учествува во изградбата на Македонија според визијата на Груевски и ако тој проект продолжи, во таква Македонија ќе живеат и нашите деца, но и неговиот син. Но, прашање е дали таква Македонија има шанси да опстои!

ДИЈАСПОРАТА ГЛАСА ИЛИ ПАРТИСКИТЕ ВОЈНИЦИ?

Во својот отчет за сработеното, Иванов се фали и со тоа што Македонија го направила за дијаспората, за обновените врски со татковината. Особено е горд што нашите иселеници можат да гласаат на избори. Се разбира, претседателот не кажува дека од близу еден милион Македонци во светот, гласаат одвај 0,2 отсто, а владејачката партија тоа го користи за „три од карти“ пратеници во Собранието, избрани со петстотини гласови!

МАКЕДОНЦИТЕ СИ ГО БАРААТ ИДЕНТИТЕТОТ НАДВОР

Откако Светска банка не потресе со информациите дека 400.000 граѓани на Македонија изминатата деценија ја напуштиле државата во потрага по подобар живот, во своето последно обраќање во Собранието, лани, претседателот срамежливо го спомена и проблемот на иселувањето на младите од Македонија. За жал, за тоа проговори дури на крајот од својот мандат, но повторно во координација со премиерот, кој во новогодишното интервју го спомена истиот проблем.

Клучниот проблем на младите Македонци очигледно не е нивниот етнојазичен идентитет, туку живејачката во Македонија, која доживува античка идентитетска револуција. Но, претседателот не се плаши дека во митолошката борба за идентитетот Македонија останува со сѐ помалку Македонци!

Поврзани новости