Пораз на фаворитите

by Fokus

Пишува Атанас КОСТОВСКИ

Ќе се памети. По пеколни горештини започна нашето 28 фудбалско првенство, прво во Република Северна Македонија. Апелите да не се излегува и работи надвор, се разбира, не се однесуваа и за периодот по 17 часот. Официјално, средбите започнуваа во 17,30. Не помогнаа, се разбира, и договорените тајм-аути за вода пиење, односно освежување… Да, ги видовме и рефлекторите на стадионот „Младост“ во Струмица, но тие се палат изгледа за натпревари од повисок ранг. Натпреварот на официјално најдобрите македонски екипи, актуелниот шампион и победникот на националниот куп, заслужуваше подобар термин, особено што тоа беше и почеток на серијата телевизиски преноси од нашата Прва лига.

Пред сите прволигаши, десет на број, претстои мошне тешка обврска – да го поправат катастрофално лошиот впечаток што нашиот македонски фудбал го демонстрираше на европската клупска сцена. Само фудбалските екипи од Сан Марино и Молдавија играа послабо од нашите претставници (Шкендија, Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП). Малкумина од нас очекуваа ваков фудбалски срам!

Топлото време, речиси нехуманите услови да се трча по топката, веројатно се  и најголемата причина за рекордно малиот број гледачи на стартот на првенството. Првите резултати, пак, покажуваат дека новото првенство може да биде многу поинтересно и поизедначено од претходните. Европската криза на Шкендија продолжува, првенството започна со пораз на официјалниот шампион! Фудбалерите на тренерот Ќатип Османи заборавија да постигнуваат голови, некои пресметале дека повеќе од 450 минути не ја затресле противничката мрежа со гол од игра! Фудбалерите на Академија Пандев, конечно, постигнаа победа против Шкендија. И во право е тренерот Југослав Тренчовски кога изјавува „задоволство е кога ќе се победи најдобрата екипа во Македонија, тоа е убав поттик за продолжување на првенството…“

По повеќе од две децении прволигашкиот фудбал се врати и во Струга. На теренот крај езерскиот брег беше постигнат и првиот гол во прволигашката сезона 2019/20, во 8-та минута фудбалерите на Работнички преку Иван Миековиќ поведоа со 1:0, но на крајот екипата на Струга Трим Лум победи со 2:1. Тренерот Јетон Беќири не го криеше задоволството од победата, а колку има вистина во неговите зборови „покажавме дека ќе играме значајна улога на прволигашката сцена во оваа сезона“, ќе се увериме во продолжението на првенството.

Очекувани победи на стартот пред своите симпатизери забележаа – Скупи против повратникот меѓу прволигашите Борец од Велес со 2:0 и Ренова против прволигашкиот староседелец Силекс со 1:0. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар со пораз ја започна новата сезона. Тим без звучни имиња, но и поединци со просечно фудбалско знаење, впечаток е дека тешко може во оваа сезона да претендира на единаесеттата шампионска титула. Македонија ЃП ги искористи своите шанси и заслужено победи со 2:0, таа е единствената гостинска екипа која триумфираше во првото коло.

На тропски горештини тешко се постигнуваат голови. На пет средби беа постигнати само 9 голови, но по поразите на Шкендија и на Вардар растат апетитите, пред се на Академија Пандев и на Шкупи за врвот на табелата.

Во новата трка за шампионската титула ја нема само прилепска Победа, тука се сите други екипи: Вардар со 10 титули, Работнички со 4, Силекс и Шкупи (поранешна Слога Југомагнат) и Шкендија со по 3, Ренова и Македонија ЃП со по еден триумф во државното фудбалско првенство. Најдоброто што го имаме и сме го имале е тука, треба да очекуваме ако не квалитетна, тогаш барем интересна трка за шампионската титула и за местата што водат во европските фудбалски купови. Прилепска Победа пред 15 години на двапати ја освои шампионската титула, прилепчани сега ги нема ниту меѓу второлигашите! Добро е, од Прилеп стигнуваат вести дека стадионот ќе се гради, од некаде мора да се почне, зарем не?

Од овој спортски викенд прволигашкиот фудбал се врати на малите екрани. Ќе биде тоа долга серија, дури повеќе од 72 епизоди! Добар потег, шанса што треба да ја искористат клубовите и фудбалерите, пред се. Но и градовите, зашто конечно нашиот фудбал сега се гледа ширум светот, секаде каде допира сигналот на регионалниот спортски канал „Арена спорт“. Во време на големите технички можности, производителот на сигналот, нашиот национален сервис, треба да продуцира и графика на кирилско писмо.

Поврзани новости