Пораснаа ли и шетаат ли слободно низ Македонија лавчињата кои ги чуваа кумановци?

by fokus

Фотографии на кои лица од Куманово и Скопје позираат со младенчиња на лав, минатата година кон крајот на септември ги преполнија социјалните мрежи.
Околу тоа како се дозволило да се внесат малите лавчиња во државата, што претставува сериозно кршење на законот, тогаш реагираа голем број на здруженија за заштита на животните, и апелираа до МВР случаите веднаш да бидат решени.

Од ЗОО Скопје тогаш за ,,Фокус” појаснија дека постојат строги одредби кога е внесот на лавови во земјава во прашање, како и дека според закон, само зоолошките градини во земјава можат да внесат диви животни кои се заштитени со закон.

Но, и покрај тоа што во тој период имаше бурни реакции од јавноста, до ден денес, осум месеци по појавувањето на фотографиите со младите лавчиња, нема одговор каде се сега тие, колку беа на број и како пристигнале во Македонија.

Во октомври лани, следеше кратко соопштение од страна на МВР дека едно лице од Куманово на возраст од 31 година било приведено поради сомнение за кривично дело „неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни“, а поврзано со случајот со малите лавчиња.

Информираа дека извршиле и претрес на три локации во Куманово, со кумановецот бил извршен службен разговор, и била поднесена кривична пријава против него, но детали околу тоа дали се пронајдени лавчињата – не беа објавени.

Кратко потоа, од ЗОО Скопје ни потврдија дека кај нив не се донесени лавчињата и дека немаат информација поврзана со тоа, што се случува со нив, односно дали воопшто биле пронајдени.

Инаку, лавчињата чии фотографии беа објавувани на социјалните мрежи, во тој период беа околу два-три месеци стари, што значи дека денес веќе би требало да бидат млади лавови, на возраст од околу една година, во полна сила и во животен период кога им е потребно околу десеттина килограми месо на ден.

Тежината на возрасен мажјак изнесува околу 240 килограми, додека пак возрасните женки се тешки околу 180 килограми. Овие предатори ловат најчесто ноќе, имаат огромна брзина и издржливост.

Дали младенчињата кои беа искористени за позирање во земјава беа женки или мажјаци, пронајдени и одземени ли беа, и што се случи со нив, се уште останува непознато за јавноста.
Доколку не биле пронајдени, останува отвореното прашање – Каде се сега тие и дали евентуално слободно шетаат низ земјава?

Во тек на вчерашниот ден ,,Фокус” испрати прашања на темава до МВР, од каде ни одговорија дека во најкраток рок ќе ни ги достават потребните одговори, но не добивме одговор.

И утринава, на прашањето кога ќе ги добиеме потребните одговори, ни беше кажано дека прашањата се добиени, и наскоро ќе следува нивниот одговор околу тоа што се случи со лавчињата, кои веќе би требало да се возрасни лавови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости