Поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, се товари за злоупотреба на службената положба

by fokus

Секторот за внатрешни работи во Битола поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, за „ злоупотреба на службената положба и овластување“. Под сомнение за истото кривично дело е и вработена во ЕЛЕМ, 45-годишната С.П.

Според полицијата, во периодот од јануари 2014 година до октомври 2015 година, Д.Б. во својство на генерален директор на АД „ЕЛЕМ“-Скопје писмено ја овластил С.П., како внатрешен ревизор за економски работи во службата за внатрешна ревизија при АД „ЕЛЕМ“ Скопје, да врши работи за време на неработни денови или во празници. С.П. не изготвувала ревизорски извештаи за извршени работни задачи, кои согласно договорот била должна да ги изготви и достави до дирекцијата на АД „ЕЛЕМ“ Скопје. И покрај тоа, Д.Б. за наведениот период одобрил исплата на надоместоци за плата, за ноќна работа и работа во државен празник, со што и овозможил на С.П. да се стекне со противправна имотна корист во износ од 140.226 денари, на штета на АД „ЕЛЕМ“ Скопје.

Бошковски беше генерален директор на ЕЛЕМ од 2012 до 2016 година, кога беше разрешен. Истата година беше поставен на член на Регулаторната комисија за енергетика, на позиција на која што се наоѓа и денес.

Поврзани новости