Поранешни ректори на УКИМ бараат одложување на законските измени во образованието

by Фокус

Четворица поранешни ректори на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Филиповски, Драги Данев, Александар Анчевски и Ѓорѓи Мартиновски, преку отворено писмо им дадоа поддршка за Студентскиот и Професорскиот пленум, кои бараат одложување на измените кои се однесуваат на Законот за високо образование.

„Потребно е да се спроведе соодветна постапка низ која, со поголемо учество на академската заедница (наставниците и студентите), да се направи анализа на состојбата во високото образование, целта и оправданоста на мерките кои би се презеле, како и условите кои за тоа е потребно да бидат обезбедени. Оправдана е борбата на академската заедница за одбрана на автономијата на Универзитетот, како едена од придобивките не само од развојот на демократијата, туку и на искажаниот висок степен на одговорност во реализацијата на доверените задачи во високообразовниот процес“, стои во писмото.

Тие истакнуваат дека УКИМ е најголемиот интелектуален потенцијал во земјава, кој создал околу 150.000 високо-стручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

Поврзани новости