Поранешни новинари од А1 сведочеа на „Титаник“: Списоците содржеа податоци, телефонски броеви и избирачки места

by Fokus

Младен Чадиковски, како главен и одговорен уредник на Телевизија А1 во 2011 година некое време пред изборите добил списоци со имиња на луѓе, (дел од нив функционери, дел од гласачи) на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова денеска го кажа сведокот Чадиковски, во случајот „Титаник“, каде додаде дека откако изворот им ги доставил списоците заедно со колешките Сашка Цветковска и Наташа Стојановска одржале колегиум каде е одлучено да се истражи новинарски аферата „Списоци“.

– Почнавме да истражуваме, не сакавме само така да ги објавиме документите. Материјалите ги снимавме тонски преку телефон. Се јавуваме на луѓе на списоците, се претставувавме како дел од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и одговорите беа во насока што ги пишуваше во списоците, изјави Чадиковски.

Тој воедно во својот исказ додаде дека тие материјали ги доставиле за процесирање во ЈО, но дека тој не бил повикан да даде исказ. На прашање на обвинетата Гордана Јанкулоска, дали во списоците бил некој од обвинетите, сведокот Чадиковски, рече дека не.

Сведокот Сашка Цветковска, во својот исказ се задржа во содржината и профилот на лицата кој биле дел од списоците.

– Списоците содржеа податоци, од генерали, телефонски броеви и избирачки места каде што треба да гласат. Тие беа лица што благодарение на државниот апарат добивале работни позиции. Бидејќи добивале привилегии од партијата тие имале обврска да донесат 15 или 30 гласови зависно во која позиција се вработени во институциите. Најчесто стануваше збор за раководни лица, изјави сведокот Цветковска. Дел од списоците како што наведе таа биле и од лица од едукативните и здравствените институции.

Според обвинението за случајот „Титаник“ како осомничени за разни кривични дела поврзани со незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за нарушување на изборните процеси во 2011 и 2013 година осомничени се 20 лица. Меѓу нив се и поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Мартин Протуѓер, Илија Димовски и други.

Поврзани новости