Поранешната министерка Ангеловска го продаде Групер на полска компанија

by fokus

Payten, кој е дел од полската групација Asseco SEE, е новиот сопственик на македонската платформа за е-трговија, Grouper.mk, компанијата чиј коосновач во Македонија во 2011 беше и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска.

Payten e провајдер на целосни софтверски решенија за платежната индустрија за финансиските и не-финансиските институции, кои поддржуваат картични и не-картични трансакции. Оваа аквизиција на скопски Grouper е нова нејзина стратешка инвестиција во е-трговијата. Grouper.mk, низ годините стана водечка платформа за е-трговија и даде голем придонес кон трансформацијата на е-трговијата во земјата, овозможувајќи им на 3.500 трговци да влезат во светот на е-трговијата и да започнат со онлајн продажба, истовремено поттикнувајќи 270.000 корисници да го прифатат онлајн купувањето.

– „Payten се стекна со сопственост на 100 отсто од акциите на Grouper, како дел од стратегијата за проширување на портфолиото на компанијата со решенија за етрговија. Со Grouper во нашите редови, ја збогатуваме нашата понудата за сите трговци и ги унапредуваме Payten решенијата за е-трговија. Уверена сум дека заедно со младиот и динамичен тим на Grouper, кој поседува одлични познавања во областите на е-трговијата и маркетингот, а сега со поддршка од неколку меѓународни експерти од Payten, ќе создадеме уште поиновативни решенија за е-трговија, изјави Катарина Арнолд Рокита, раководител на тимот за развој на е-трговија во Payten.

Го создадовме Grouper пред 10 години со многу енергија, посветеност и ентузијазам да го трансформираме пазарот со е-трговија. Во текот на изминатите години, тимот вложи многу посветени напори во надминувањето на бројни предизвици, а истовремено постојано учеше, се адаптираше и носеше иновативни решенија. Grouper растеше и постигна многу, но има уште многу простор за раст и натамошен напредок кој веруваме дека полесно ќе го оствари како дел од меѓународна групација. Следствено, среќни сме што Grouper го продолжува својот пат, сега веќе како дел од Payten, членка на ASEE групацијата. Оваа аквизиција за нас значи многу повеќе – тоа е признание на нашата напорна работа, посветеност и на досегашните успеси, но воедно претставува одлична можност за натамошен раст и за целосна реализација на потенцијалот на Grouper. Со нетрпение ги очекуваме следните големи планови и нови решенија, кои ќе им помогнат на локалните компании да ја прифатат е-трговијата, да ја зголемат продажбата и да го унапредат нивното работење, а кои истовремено на е-купувачите ќе им понудат поголем избор и можности- изјавија ко-основачите на Grouper.

Групер платформата содржи понуди за попусти за различни услуги, патувања, а од неодамна, со купопродажната платформа (Grouper Shopping Mall), воведена по почетокот на глобалната КОВИД-19 пандемија, платформа, која веќе брои повеќе од 100 е-продавници, компанијата се стекна со голем потенцијал за натамошни иновации и раст. Од компанијата велат дека Grouper опслужува повеќе од 270.000 корисници, во соработка со повеќе од 3.500 трговци.

Поврзани новости