Пораката на „златното момче“ е повик за будење: Спортот секогаш да си остане спорт!

by Fokus

Не станува збор за евентуални закани, притисоци или пак уцени кон шампионот во кик бокс Димитар Ѓорѓиев, од ниту една конкретна страна – велат за ,,Фокус” од тимот на „златното момче“, по неговата вчерашна објава со која ја изненади јавноста, порачувајќи дека не планира да присуствува на ниту еден прием, ниту во Агенција за млади и спорт, во Општина Неготино, или пак на било кое друго место, по големиот триумф и освоеното светско злато, со кое се закити на Светското првенство во Италија.

Набргу по објавата на неговата официјална страница, се покренаа низа на шпекулации во јавноста, и наводни причини поради кои Ѓорѓиев порача дека ова е неговиот најомразен медал. Предизборната атмосфера, која е присутна во секој сегмент на живеењето, придонесе да се покренат прашањата дали и од која политичка страна евентуално се вршени некакви притисоци врз шампионот, на што од неговиот тим категорично отфрлаат можност за такво нешто.

-Спортот треба секогаш да си остане спорт! За сите луѓе, за цела земја, без оглед на партиска определба. Рацете на политиката мора да се држат подалеку од спорт и генерално, од било каква уметност. Димитар е шампион на секој еден граѓанин, и овој негов гест нека биде будење за сите спортисти, но и за политичарите. Нека ова биде еден вид на повик за будење, како треба да се функционира- велат од тимот.

Како потсетување, ја објавуваме во целост неговата порака: -Драги пријатели, другари и сите останати љубители на спортот. Пред се од срце ви благодарам за целата поддршка и позитивна енергија што ја добив во изминатите неколку дена. За жал морам да ви соопштам дека за мене ова е најомразениот златен медал што сум го освоил до сега. Исто така, сакам да ве известам дека не планирам да присуствувам на ниту еден прием, ниту во Агенција за млади и спорт,ниту на организираниот или планот за организиран пречек во Општина Неготино, сите мои гостувања и планирани интервјуа ќе бидат откажани, а досегашните ќе ве замолам да не ги објавувате. Овој медал го освоив бидејќи сакам спорт и си ја сакам татковината. Поделбата која што е неизбежна во Македонија јас не ја сакам и не сакам да бидам дел од неа!-напиша шампионот кому ова му е четврто злато на светско првенство.

Инаку, тој е роден во Неготино и од најрани години се посвети на спортот, кој е неговата најголема пасија во животот. Помеѓу неговите сограѓани е познат како чесен и трудољубив човек, почитуван од сите, кој со упорност и работа ги достигна врвовите во кик боксот на светско ниво.

Вики Клинчарова

Поврзани новости