Порака до Заев, Мицкоски, Ахмети… Немојте да се сликате со нашите деца, туку бидете ни гости

by fokus 12:12
12:12

Денес е Меѓународниот ден на лицата со хендикеп. Секоја година 3-ти декември во земјава се одбележува со низа на активности, но традиционално не изостануваат и пораките и апелите од лицата со инвалидитет и нивни блиски, дека државата мора да води поголема грижа за нив.

Денес на социјалните мрежи беше објавена видео порака од штипјанецот Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам и голем активист за правата на лицата со попреченост.

- Advertising -

Во своето јавно обраќање тој им порача на премиерот Зоран Заев и на лидерите на поголемите партии, Христијан Мицкоски и Али Ахмети конечно да се решат горчливите проблеми на овие лица, а за да се уверат дека на родителите им е тешко и полесно да сфатат низ што минуваат овие семејства, ги покани да му бидат гости.
Видео обраќањето на Мијалков веќе масовно се споделува и тој добива голема поддршка од јавноста. Проблемите за кои што зборува се нешто кое во многу наврати го потенцираат и други родители на деца со попреченост.

Тој нуди конкретни решенија со кои што би им се олеснил животот на семејствата, во надеж дека политичарите ќе имаат слух за барањата на овие ранливи категории на граѓани.

-Од 1991 година па наваму, за овие категории на граѓани речиси ништо не е направено. Тој што не верува, еве јавно ги повикувам Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и сите други политичари, доколку сакаат да се уверат дека тоа што го зборувам е така, да го видат нашиот очај и нашата борба, да ни бидат гости.
Издвојте три – четири дена, значи по 24 часа да бидете наши гости. Бидете ми гости мене, да видете како живее фамилија со две деца со аутизам, за да го видете проблемот со свои очи, да го слушнете.

Потоа, да ве одведам во едно пробиштипско село, каде има стари родители со ќерка со церебрална парализа. Да видете што значи да се чува возрасна ќерка со церебрална парализа. Да ве одведам кај родители, да бидете гости кај фамилија со дете со ретка болест. Тие не знаат дали нивното дете ќе преживее, затоа што нема терапија. На приватно ја купуваат…

Да го видете очајот кај родители на дете со мускулна дистрофија. Тие знаат, и детето знае дека нема многу да живее. Тоа да го видете, а потоа да ве прашаме… Како можевте вие да изгласате милиони евра да си ги финансирате вашите партии, а за нашите деца не можевте да изгласате? Сега пред избори, на трети декември, многу ќе не сакате, па и не прашувате ние да ви помогнеме со програмата…

Кого ќе лажеме? Треба еднаш засекогаш да се реши! Кога можете да се организирате и едногласно да изгласате некои работи во ваш интерес, имајте доблест и душа да изгласате за нашите деца, да се направат рехабилитациски центри, да се донесат закони што ќе биде со нашите деца по нашиот живот, што ќе биде со нашиот имот, да имаме системски решенија за нашите деца…

Да немаше пари, ќе се помиревме, ама има пари. Се има пари за се и сешто, за нашите деца се нема. Буџетот на државно и локално ниво не е ваш, и наш е. Треба да се оддели еден дел и за ранливите категории. Ние ќе ви кажеме кој е најдобриот начин да им се помогне на овие категории.

Ве замолувам пак да бидете наши гости. Ако видете дека бараме преку леб погача, ќе прекинеме со борбата. Ако мислете дека имаме супер живот и бараме нешто плус…
И ќе ве замолам, прекинете да се сликате со нашите деца! Дојдете, гушнете ги, играјте си со нив, но прекинете да се сликате! Напишете како изјава до јавноста дека сте посетиле некој центар, сте си играле со децата, ве гушнале, ама не објавувајте слики, луѓе! Срамота е веќе – порача таткото.

Вики Клинчарова

+18По повод дено на хендикепираните… Тажна приказна на нашио сограѓанин Зоран Мијалков и на нооогу други семејства у Мк.Искрено плакав додека го гледаше видеотоСПОДЕЛИТЕ КОЈ САКА

Publiée par Штипска Идила sur Mardi 3 décembre 2019

Поврзани новости