Порака до владата: „Get your act together“ и „Surtout pas trop de zelе“

by Fokus

Пишува Денко МАЛЕСКИ

Англо-саксонците имаат еден израз,„ Get your act together“, што значи да почнеш да се организираш на начин кој ќе ти овозможи работите да ги вршиш на еден ефикасен начин. Тоа, всушност, е мојата порака до владата на Македонија, кога се работи за спорот со Грција.

Од каде да почнат? Можеби од силната желба на премиерот Заев да го даде својот полн придонес кон решение на долгогодишниот проблем, што, се разбира, е за поздравување и сесрдна поддршка.

Меѓутоа, не е лошо, тој и неговите советници малку да се замислат над зборовите на Таљеран (1754-1838), кој долго бил во врвот на политиката и дипломатијата на Франција. Имено, давајќи му задача на еден млад и неискусен дипломат, Таљеран му рекол да внимава да не ја извршува со премногу жар – „Surtout, pas trop de zele“ („ И пред се, без премногу жар“).

Велат дека со оваа фраза Таљеран сакал да каже дека одлуки за војна и мир, и за безбедноста на нацијата мораат да почиваат врз размислувања со студена глава, а не врз емоции и кревање на ентузијазмот на народот. Токму на ова, особено на кревањето на ентузијазмот на народот, треба да внимаваат премиерот и неговите соработници.

Меѓународната политика често ја споредуваат со дилемата на мајка која гледа две деца како се дават, од кои едното е нејзино. Меѓународниот амбиент, пак, го карактеризира една егоистичка трка на државите за промоција на својот национален интерес.

Затоа, има нешто трогателно во комуникацијата меѓу двете раководства, кога Заев вели дека мораме да мислиме и на другата страна, договорот за промената на името да бидe траен, а дека со промената на уставот не се гарантира таа трајноста, а претседателот на Грција вели дека треба да му се помогне на македонскиот премиер да се спаси од грешката да му сврти грб на уставот на сопствената земја.

Завршувајќи ја оваа куса белешка од вчера, веќе денес се соочуваме со бура во грчкиот печат како реакција на ненадејните зборови на македонскиот премиер да се погледне членот на грчкиот устав за грижата за грчките малцинства во светот. Секако дека треба да се погледе тој член, паметам, член 118 од грчкиот устав, но на владата и треба поголема организираност и координација во настапот – што, кога и како се кажува.

Затоа, ја повторувам пораката до владата: „Get your act together“  и „Surtout pas trop de zele“!

Поврзани новости