Поради сушата во Европа за Божиќ може да нема доволно елки

by fokus

Расадниците за елки во Белгија и во други земји во северна Европа се тешко погодени од сушата и невообичаено високите температури ова лето, предупредуваат сопствениците на расадниците.

“Загубите се огромни, имаме расадници каде 15 до 20 отсто, а некогаш и до 30 отсто од дрвата се умрени, или пак се мали и пожолтени, дрва кои пораснаа во пролетаа, а потоа изгореа“, вели еден сопственик на расадник од белгиските Ардени каде се произведуваат 85 отсто од божиќните елки.

-Ако немаме дождови во наредните три до четири недели, можеме да претпоставиме дека 10 до 15 отсто од робата што треба да се продаде оваа година нема да биде продадена, или затоа што се мртви дрвата или затоа што не изгледаат убаво, вели тој.

Голем број од елките што се одгледуваат во овој регион се наменети за извоз, но доколку продолжат високите температури, расадниците не веруваат дека ќе можат да си ги исполнат обврските кон клиентите.

Слична е ситуацијата и во Англија каде најстрашниот топлотен бран во последните 42 години уништи 10 илјади елки до сега, пишува британскиот Сан. И таму елките изумираат пред да пораснат или се изгорени од сонцето.

Топлотни бран кој ја зафати Европа од почетокот на ова лето не стивнува. Северна Европа, каде високите температури преку лето ретко траат повеќе од една до две седмици, бележи драматични штети од оваа климатски феномен, посебно во земјоделството.

Повеќе култури се силно погодени, посебно пченичната. Пресушената трева ширум Европа ќе значи и недостаток на храна за животните во фармите, предупредуваат земјоделците, кои бараат итна помош од државите и од Европската Комисија.

Европската Комисија најави дека ќе им дозволи на земјите членки да бидат изземени од одредени стриктни правила во однос на државната помош, за да можат да ги поддржат своите земјоделци и вели дека од блиску ја следи состојбата. Но, нејасно е дали ова ќе биде доволно.

Поврзани новости