Поради лошата здравствена состојба на Владо Јаневски одложен концертот во Скопје

by Fokus

Големиот концерт на поп пејачот и кантавтор Владо Јаневски, кој требаше да се одржи на први јуни на стадионот на АРМ во Скопје е одложен. Како што информираат организаторите на настанот, причината за тоа е здравствената состојба на Јаневски.

Во соопштението до јавноста е наведено дека најверојатно тој ќе одржи концерт во периодот октомври – ноември, по повод 25-годишнината од неговата соло кариера, во ВИП арена Борис Трајковски.

Повеќе детали околу тоа што се случува со пејачот и со какви здравствени проблеми се соочува, со оглед на тоа што има повеќе од две седмици до првичниот термин за концертот кој се откажа, не се соопштуваат.

Јаневски го имаше својот последен голем концерт на 14–ти февруари, на празникот Свети Трифун на градскиот плоштад во Кавадарци. Тогаш, и покрај ладното време успеа да собере илјадници посетители кои цели два часа пееја во ист глас со него. На сцената беше доста енергичен, не престана да игра и пееше без пауза.

На публиката и откри дека има кавадаречко потекло, бидејќи мајка му била родум од градот на виното. Беше видно расположен и на присутните им раскажа како таа во минатото постојано го наговарала да се ожени со девојка од Кавадарци, но тој не ја слушал.

– Мајка ми порано постојано ми викаше – Ожени се, земи си невеста од Кавадарци, жена домаќинка. Ама јас тогаш не ја слушав. Помина тоа време, сега ми е касно за женење – сподели музичката ѕвезда со кавадарчани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости