Популарниот „космонаутко“ испрати куп новогодишни честитки: Сакам децата и луѓето да знаат дека не се изолирани

by Fokus

Денис Јанкуловски е техничар од Одделението за микробиологија во скопскиот Центар за јавно здравје. Тој е дел од тимот кој на терен ги прави тестирањата за сомнителни случаи на Ковид 19. Јанкуловски е еден од најпопуларните меѓу децата, кои го нарекуваат „космонаутко“, со оглед на заштитната опрема, која ја носи со која ги посетува домовите на луѓето на кои треба да им земе брис и да провери дали се носители на опасниот вирус или не.

„Фокус“ уште на почетокот на пандемијата направи интервју со Јанкуловски, кој ни кажа како точно се изведуваат тестирањата и каква е целата процедура, по колку тестирања прават на дневно ниво, како реагираат луѓето, кои можеби се заразени со корона вирус…Во еден дел од разговорот, тој ни објасни како 4-годишно дете ги пречекало дома: „Мамо, дојде космонаутот да ни земе брис“. Тоа што уште е карактеристично за него во оваа корона невереме е што секој ден пред да тргне на работа, денот го започнува со песна…

Но, сега популарниот космонаутко е уште во една добра мисија, па тој на сите дечиња и постари лица им испраќа новогодишни честитки со цел малку да им ја разубави монотоната атмосфера за време на оваа ковид пандемија.

„Со коронава долги месеци, речиси цела година како се немам видено со многу од моите другарчиња, лицата со нетипичен но и типичен развој со кои пред пандемијата многу се дружевме, многу забави, многу насмевки и прегратки. И еден ден пред отприлика 10 дена буквално, како што на шала на смеа си го кажувам – на сон ми дојде, сонот ми вели, Денко честитки да подели 🙂 Идејата ми беше секаде каде што одам и земам брисеви за тестирање за Ковид да делам новогодишни честитки. Се обратив до Меѓаши, тие како и секогаш ми излегоа веднаш во пресрет со огромен број честитки. Но, идејата веднаш се прошири на оние кај што сум бил, кои ги памтам, па потоа на сите мои другарчиња кои се дел од нашите инклузивни настани, па уште проширено да поделам честитки и на возрасни бидејќи секој сака, нели? – објаснува Јанкуловски во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека во случаен разговор со еден пријател поштар му рекол за ваква идеја тие му стојат на располагање.

„Ќе ги доставиме веднаш, само ти адресирај ги. Така почна можеби најголемата акција во оваа пандемија која сеуште трае. Дечиња дома, деца кои ете за жал се хоспитализирани, па и оние кои го заслужуваат најголемото внимание и почит, највозрасните сместени во домови за стари лица. Да можам би поделил на секого…..Сакам преку новогодишните честитки од една страна да ја вратам онаа старата и најубава традиција, испраќањето и добивањето честитка за Нова година, но од друга страна сакам луѓето да знаат дека иако изолирани, сепак не се сами – вели Јанкуловски.

Ирена Мулачка

Поврзани новости