Поповски оптимист: Има атмосфера за решавање на спорот со Грција

by fokus

Шефот на македонската дипломатија, Никола Поповски смета дека соработката со Грција никогаш не била подобра од сега. Во интервју за австрискиот дневен весник „Пресе”, Поповски вели дека има позитивен тренд во односите со грчкиот сосед и дека има атмосфера за решавање на спорот со името.

-Во изминатата година воведовме мерки за градење доверба со Грција и имаме целосно нов квалитет на билатералните односи- вели Поповски.

Запрашан дали очекува оти Грција наскоро ќе се откаже од блокадата во ЕУ против Македонија, шефот на македонската дипломатија вели дека би било премногу оптимистички да се каже дека знае кога точно ќе се случи тоа. – Но, атмосферата е промената, а тоа е добар предуслов за да се случи нешто во тој правец, вели Попоски.

Според него, Европскиот совет во 2009 година направил грешка бидејќи не ја следел препораката на Европската комисија за отпочнување на претпристапните преговори на Македонија.

– Сега ја добивме осмата препорака на Европската Комисија за отпочнување пристапни преговори. Првата ја добивме во 2009 година. Европскиот совет тогаш ја направи големата грешка што не ја следеше оваа препорака. А Грција бараше да се одолговлечи почетокот на преговорите. Во Советот се создаде впечаток дека преговорите само за кратко ќе се одложат и дека спорот за името ќе се реши во најбрзо време, оценува Попоски.

Инаку, за разлика од Поповски, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос останува цврсто на ставот дека Македонија ја фалсификува грчката историја. Тој на вчерашната средба со Барак Обама порача дека доколку Македонија сака да стане дел од Европската Унија мора да престане со „присвојувањето на грчката историја.”

Поврзани новости