Поповска смета дека созреа времето за една изборна единица, Ибраимовски не верува дека големите партии ќе прифатат

by Фокус

Потребна е промена на изборниот модел од шест во една изборна единица со цел да се измери реалната тежина на секој политички субјект и да се демократизира политичката сцена, сметаат пратениците од „помалите“ политички партии, кои вчера во собранието формираа иницијатива за една изборна единица, во која се вклучија 12 пратеници од 10 партии, како и еден независен пратаник.

-Созреа времето за воведување на една изборна единица, што ќе обезбеди фер-плеј изборен натпревар, во кој секоја партија ќе ја измери својата политичка тежина. Во овој изборен модел е втемелен принципот не демократичност, бидејќи секој глас на граѓаните би бил чуен и застапен, односно нема гласовите за помалите партии да одат на конто на големите партии. Во ваков случај, парламентот ќе добие едно шаренило и ќе се сруши црно-белиот свет – вели за Фокус пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска, една од потписничките на иницијативата.

Според неа, постојат реални шанси оваа идеја да се реализира, за што потребно е да гласа мнозинство од пратениците во парламентот, односно доволни се гласовите само од владејачкото мнозинство, иако досегашната практика предвидува измените на Изборниот законик да се носат со консензус и со опозицијата. Арно ама, други потписници на иницијативата се скептични дека во скоро време може да се спроведе проектот, бидејќи, според нив, тоа не им одговара на најголемите политички субјекти – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

-Ова е ветување на премиерот дадено уште пред изборите, чија реализација ја посакуваат сите помали партии. Но, не верувам дека големите партии ќе прифатат, бидејќи им одговара актуелниот изборен модел со 6 изборни единица за да ги добиваат гласовите од помалите партии, а за возврат да даваат по само еден пратеник. За демократијата, најдобро е секоја партијата самостојно да излезе на избори за да измери колку вреди – смета Самка Ибраимовски, претседател на ПЦЕР.

Покрај Поповска и Ибраимовски, иницијативата за измена на Изборниот законик во една изборна единица ја потпишаа и Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов,Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам. Сите тие се противат на меѓурешението што се дискутира за намалување на шесте во 3 изборни единици. За да ги презентираат нивните ставови, тие побараа средба со спикерот Талат Џафери, како и со политичките лидери Зоран Заев, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

В.С.

Поврзани новости