Поплави во Албанија, војската излезе на терен

by Fokus

Албанската војска ги снабдува со храна и вода домаќинствата во северозападниот дел на Албанија, кои се изолирани поради поплавите предизвикани од поројните дождови.

Засега нема информации за човечки жртви и угинување на стока, соопштија албанските власти.

Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека најмалку 36 семејства се евакуирани од областите Леж и Драч, како и домови на уште околу 20 граѓани за кои е утврдено дека веќе не се „употребливи“ по оштетувањата во поплавите.

Властите тврдат дека се поплавени 7.450 хектари земјиште во Скадар, Леж и Драч, некои мостови во руралните области се уништени, а некои патишта се времено блокирани поради лизгање на земјиштето.

До некои села може да се пристигне само со воени камиони или мали чамци.

Поради дождот во централна и југозападна Албанија постои опасност од зголемување на нивото на водата во реките, но ситуацијата засега е стабилна.

Властите стравуваат дека поројните дождови би можеле да создадат поголеми проблеми, а според албанскиот премиер Еди Рама следните часови ќе бидат „најкритични“.

Поврзани новости