Попладнево одлука на Владата за полицискиот час

by Frosina Fakova

Владата попладне со почеток во 16 часот ќе одржи седница на која се очекуваат одлуки во однос на мерките и препораките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.

За заклучоците од седницата владината служба ќе информира со соопштение по нејзиното завршување.

Претходно денеска заседаваше Комисијата за заразни болести која ги анализира тековните состојби со ширењето на вирусот, а меѓу темите за расправа беа можностите за олабавување на мерките за отворање на угостителските објекти, на градинките и евентуалното намалување на полицискиот час.

Според претходните препораки на Комисијата, треба да се донесе одлука по кои критериуми ќе се отворат кафеаните, односно да има ограничен број на посетители, растојание помеѓу масите или можност да функционира само терасата или летната бавча на објектите.

Институтот за јавно здравје изминатото деноноќие регистрираше 14 оздравени пациенти, 16 нови случаи на Ковид-19, како и тројца починати.

По седницата претседателот на Владата, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче и д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје во 19:00 часот, ќе одржат прес-конференција.

 

Поврзани новости