Попладнево ќе се гласа доверба на Владата по барањето на Заев

by fokus

После паузата во Собрание, откако премиерот Зоран Заев од говорница побара да се гласа доверба на Владата која ја предводи токму тој за да се расчистат дилемите дали опозицијата има навистина парламентарно мнозинство, собранискиот спикер треба да соопшти дали попладнево ќе се гласа доверба на Владата.

Деловникот предвидува во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува претседателот на Владата усно на седницата на Собранието, Собранието гласа за доверба на Владата на истата седница, без расправа. Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Според член 92 од Уставот, доколку на Владата ѝ биде изгласана доверба, истото прашање не може да се постави во наредните 90 дена. Во случај, пак, да ѝ биде изгласана недоверба, Владата треба да поднесе оставка.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски од собраниската говорница посочи дека жали што премиерот немал храброст да се постапи по член 214 став 3 и да се дозволи три дена расправа за гласање на доверба на Владата.

-Почитуван претседател на Владата, браво за можноста да го ставите владиното мнозинство на контрола и на тест. Ама УА за изборот на член 217 став 2 за начинот на кој што тоа го правите, каде што вели во случај прашањето на доверба на Влада да го поставува претседателот на Владата на усно на седницата на Собранието, а Собранието гласа за недоверба на Владата на иста седница да се расправа. Немавте сила, храброст да го поставите по член 214 став 3 и да дозволите три дена расправа тука и да ги кажеме сите аномалии на оваа Влада, туку бегајќи од јавноста три дена не сакате да излезе тоа што во Република Македонија нема вакцини, тоа што имаме најголема смртност во Република Македонија, тоа што вчера министерот за борба со корупцијата во Република Македонија на медиумите им вика јас ве плаќам треба да кажувате јас што кажувам на „Топ тема“. Сакате да избегате од сите коруптивни скандали кои што ги има оваа Влада, праша Мицевски.

Поврзани новости