Пописот значаен за бизнис заедницата

by fokus

На 12.2.2020 година во Стопанската комора на Македонија се одржа работен состанок меѓу претставници на Стопанската комора на Македонија и претставници на Државниот завод за статистика. Целта на состанокот беше да се продискутираат придобивките од пописот во 2021 година за бизнис заедницата, со посебен акцент врз потребата од попис за дефинирање на идните економски политики во државата.

Двете страни се согласија дека потребата од спроведување попис е неминовна, имајќи предвид дека во земјата не е спроведен попис веќе 20 години. Пописот треба да се спроведува регуларно, во однапред утврден период, со дефинирана процедура, да биде сеопфатен и да се темели на најдобрите меѓународни практики.

Добиените податоци од пописот ќе овозможат дополнителни информации за сегашните и за идните потенцијали за економски развој, кои ќе бидат од значајна корист за компаниите при дефинирањето на нивните стратешки политики и активности. Податоците од пописот ќе им овозможат на компаниите и на властите, кои ги дефинираат економските политики во земјата, суштествени информации во повеќе домени, како што се понудата и побарувачката на пазарот, информации за понудата на пазарот на работна сила низ демографската призма и други податоци корисни при конципирањето здрави и добро таргетирани економски политики од интерес на компаниите кои работат во земјата. Имено, податоците од пописот, преку вкрстување со редовните 268 статистички истражувања што ги спроведува тековно ДЗС, ќе значат повеќе информации за економските карактеристики на населението.

Во поглед на начинот и на методологијата според кои би се извела статистичката операција попис, претставниците на компаниите од Стопанската комора на Македонија сметаат дека треба да е во согласност со стандардниот пристап и со стандардната методологија и постапка за спроведување попис во светски рамки.

На состанокот се дискутираа и повеќе теми од заеднички интерес на двете страни, кои ќе овозможат унапредување на соработката.

Поврзани новости