Пописот на мачки и кучиња во Кавадарци е во тек, некои сопственици одбивале да ги внесат милениците во системот!

by fokus

Повеќе од еден месец во Кавадарци се одвива попис на кучиња и мачки кои имаат сопственици. Пописот е дел од повеќето активности кои ги спроведуваат Здружението на граѓани за заштита на животните ,,Шепи 2021” и Општина Кавадарци, со цел намалување на бездомните животни.

-До сега попишани се 254 кучиња и 112 мачки. Територијално е попишано село Ваташа и дел од градот. Некои од сопствениците не сакаат да ги попишуваат своите домашни миленичиња, со тоа што и тие се евидентираат како такви. Се работи на апликација преку која сопствениците ќе можат и сами да ги внесат своите нови домашни миленици во системот –појаснуваат од општината.

Велат дека во тие случаи, доколку миленикот биде затекнат сам надвор, имаат ингеренции за постапување.

И локални ветеринари за ,,Фокус” откриваат дека не е мал бројот на сопственици на кучиња и мачки, кои не сакаат да ги пријават своите миленици. Се случувало да го затекнат кучето во нечиј двор, пред врата, но сопствениците негирале дека е нивно.

-Тоа се случува кога некој сака да чува куче, а не сака да преземе одговорност. Најверојатно, ако се случи нивно куче да нападне некого, ќе негираат дека му се сопственици, со цел да избегнат соочување со последиците, односно плаќање на казна. Тој проблем посебно е застапен во малите населени места, каде во еден двор сме затекнувале и по две-три кучиња, а сопствениците креваат раце со зборовите дека сами им доаѓаат кучињата и не се нивни – раскажуваат ветеринарите.

Од општината пак, решителни се да воведат ред кога се милениците во прашање, и работат на подигање на свеста на јавноста за одговорноста која мора да ја преземе секој сопственик на домашен миленик.

-Деновиве ќе се започне со монтажа на информативните табли кои ќе бидат поставени на 10 локации во Општина Кавадарци, а на истите ќе бидат испишани совети за грижа и заштита на милениците. Во наредниот период ќе се започне и со уредување на две локации кои ќе се наменат за паркови за миленици со соодветни реквизити.

Реализацијата на овој проект не води кон планирање и реализација на уште еден голем проект кој е од суштинско значење кога се во прашање животните, а тоа е изградба на стационар за згрижување на бездомни кучиња-изјавија од општината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости