Попис во септември, локалните избори во втората половина на октомври, ќе гласаме со отисок од прст

by fokus

Со синоќешното гласање, Собранието и формално го одложи пописот во земјата кој наместо во април ќе се спроведе од 5 до 30 септември, а соодветно на тоа и локалните избори што најверојатно ќе се одржат на 24 или 31 октомври, предвидено со измените на Изборниот законик, како и гласањето со отисок од прст.

Одложувањето на пописот, воведувањето на отисок од прст и одложувањето на локалните избори беа дел од договорот на средбата меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Со поддршка подоцна излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека против одложување на пописот беа партиите на опозицијата на Албанците, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Пописот во Северна Македонија требаше да започне на 1 април и да трае до 21. Во меѓувреме се одвиваше самопопишувањето на дијаспората.

Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за“, а „против“ гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за“, додека 12 против. Воздржани немаше. Со тоа пописот е одложен и ќе се одржи од 5-ти до 30 септември, а дотогаш ќе трае процесот на самопопишување на нашинците од дијаспората.

Во расправата во Собранието вчера предничеа пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива и ДУИ, а со свои реплики се вклучија и други пратеници.

Пратениците од Алијанса на Албанците и Алтернатива го повторуваат својот став дека одложувањето на пописот не е поради пандемијата со Ковид-19, туку од политички причини односно поради масовното попишување на Албанците од дијаспората. Тие ги повикаа пратениците од ДУИ „еднаш да застанат зад дијаспората“ и да гласаат против одложување на пописот за септември. Според нив, ДУИ е виновна за заминувањето на Албанците од земјата.

Бранислав Крмов од Левица, како и Никола Мицевски и Гордана Силјановска Давкова сметаат дека до септември треба да се смени методологијата за спроведување на пописот и оти одложувањето било препорака на здравствените власти.

Исто така со 95 гласа „за“ беа донесени измените на Изборниот законик, кои беа поднесени од сите пратенички групи и за кои немаше расправа. Против и воздржани немаше. Во гласањето по Бадентер, 27 пратеници припадници на заедниците гласаа „за“, а против и воздржани немаше. Со овие измени се предвидува начинот на гласање со терминали за вчитување на отисок од прсти, што доколку тие се расипат и кога се користи заменски терминал, како и одложување на локалните избори за втората попловина на октомври, за кампањата за овие избори да не се поклопи со пописот.

Поврзани новости