Помогнете ни, за да можеме и ние да ви помогнеме, вели директорот на кавадаречката болница, каде за 6 дена се хоспитализираа 9 пациенти со Ковид-19

by fokus

Сместувачките капацитети за корона вирус позитивни пациенти во болницата во Велес се полнат, затоа од петокот започна со работа Ковид-19 одделението во нашата болница. Од тогаш, во овие шест дена се примени девет пациенти, кои се со лесна и средно тешка клиничка слика – за ,,Фокус” појаснува директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.

Тој вели дека нема недостиг на кадар, во една смена работеле четири сестри и еден доктор, а сите имале стекнато искуство со Ковид-19 позитивни пациенти, бидејќи поминале време на клиниката во Скопје, каде што биле на испомош, но истовремено и се стекнале со нови знаења кои сега им се од голема корист.

-Во Ковид-19 одделението имаме 14 кревети, значи моментално се слободни пет кревети. Доколку дојде до зголемување на бројот на пациенти на кои им е неопходна хоспитализација, имаме резервен план, односно би можеле да пренамениме уште еден дел од болницата и со тоа да обезбедиме уште 14 дополнителни легла.
Засега овде се функционира во најдобар ред, престојуваат полесни случаи. Во изминативе неколку дена имавме двајца пациенти со влошена клиничка слика, кои беа препратени на клиника во Скопје.

Обезбедивме боци со кислород за сите пациенти, имаме доволно лекови. Но, тоа во никој случај не значи дека народот треба да се опушти! Мора да се почитуваат мерките, да им се помогне на белите мантили. Ако нашиот кадар се премори, нема да биде добро за никого. Затоа апелирам, помогнете ни, за да можеме и ние да ви помогнеме! Да нема групирање, да се носи заштитна опрема, да се следат препораките на здравствените власти. Само ако народот соработува и со тоа ни помага, ќе можеме и ние да помагаме максимално – вели Коцев.

Додава дека во одделението се сместуваат пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман. Посочува дека не смеат да се заборават и другите болести, да се мисли на медицинарите кои се соочуваат со многу предизвици овој период.

-Нашата болница изминатиот период доби нов лик, извршени се повеќе реконструкции и реновирања, стануваме регионален центар. Даваме се од себе да им излеземе во пресрет на пациентите, соработката мора да биде взаемна, луѓето да се чуваат за да не дојде до преоптеретување на здравствениот систем, и секако до премор на здравствените работници кои се во првите борбени линии – изјави директорот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости