Полицијата во Полска приведе 15 лица по протестите што следеа откако Уставниот суд го отвори патот кон речиси целосна забрана за абортус. Уставниот суд, во доминантно католичката Полска, на 22 октомври пресуди дека прекинувањето на бременоста поради дефект на фетусот е неуставно.
Дефектите на фетусот се најчестите правни основи наведени во постапката за абортус во Полска, земја која и без тоа веќе има едни од најстрогите закони за абортус во Европа.
По одлуката на Судот се собраа стотици демонстранти во главниот град Варшава пред канцелариите на владејачката партија Закон и правда и пред домот на нејзиниот лидер, вицепремиерот Јарослав Качински.
Полицијата го чуваше домот на Качински, откако демонстрациите добија на интензитет. Демонстрантите бараа оставка на владата.
Уставниот суд постапуваше како одговор на предлогот на десничарските пратеници во кој се тврди дека прекинувањето на бременоста порати дефект на фетусот ја крши полската уставна клаузула за заштита на животот на секој поединец.