Полска денеска ја потпиша декларацијата на 10 политички партии од европската десница, со што им се придружи на унгарскиот премиер Виктор Орбан и радикалните националисти во планот за создавање на Европа на суверени народи каде што европското законодавство е подредено на националните устави, а зачувани се вредностите на традиционалното семејство.
“Конференцијата за иднината на Европа има нејасни цели, нејасна структура, може да се дозволи продлабочување на процесот за кој веруваме дека води кон криза. Во централизацијата и спроведувањето на културната револуција што треба да ги уништи постојните структури на општеството”, рече денеска во Варшава лидерот на полските конзервативци од партијата Право и правда, вицепремиерот Јарослав Качински.
Тој ја обвини Европската унија за социјален инженеринг преку кој, како што рече, „Брисел сака да ги уништи традициите и структурите“, почнувајќи од семејството и да создаде „нов човек“ што, според него, „ќе донесе само несреќа и ограничување на слободите, како индивидуалните, така и на националните држави“.
„Ние едноставно не ја сакаме таа револуција“, рече Качински денеска во специјалното обраќање до нацијата.
Качински рече дека владејачката партија во Полска не се согласува европските закони да бидат над националните устави, бидејќи „правото на суверенитет на народот е основно право на демократијата“.
Меѓу лидерите на 10-те партии кои денеска ја потпишаа оваа заедничка декларација за нивната визија за иднината на ЕУ, заедно со Качински, е и Марин Ле Пен од француската националистичка партија Национален сојуз, и лидерот на италијанската партија Лига, Матео Салвини.