Половина од граѓаните сметаат дека во Македонија има полова дискриминација при вработување

by Fokus

Половина од граѓаните се на став дека во Македонија има полова дискриминација при вработување, а исто толку процент на граѓани се на ставот дека мажите и жените земаат иста плата за исто работно место. Вакви резултати дава најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 49,5% од анкетираните се на став дека во земјава има родова дискриминација при вработување, додека високи 40,6 се убедени во спротивното. Младите во поголем процент сметаат дека родовата дискриминација при вработување е појава која постои во земјава. Таков став делат 64,9% од анкетираните кои се помлади од 30 години, додека само 28,1% од нив велат дека родова дискриминација при вработување нема.

Точно половина од анкетираните сметаат дека и мажите и жените за исто работно место земаат иста плата. 30,8% сметаат дека мажите се повеќе платени додека само 4,6 се на став дека жените земаат повеќе плата од мажите вработени на истото работно место.

Кога одговорите на анкетираните ќе се поделат според полот, бројките велат дека 57,8% мажи и 42,4% жени сметаат дека за исто работно место и мажите и жените земаат повеќе плата.

23,1% мажи и 38,4% жени сметаат дека мажите се повеќе платени додека само 5,6% мажи и 3,6% жени се на став дека жените земаат повеќе плата од мажите со кои работат на истото работно место.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена во периодот од 28 до 31 јануари врз репрезентативен примерок од 1083 испитаници.

НАСЛОВ: Секоја четврта жена на интервју за работа добива прашање дали планира да роди деца

Секоја четврта жена при интервју за работа добива прашање дали планира да има деца, покажува најновото истражување на јавното мислење кое по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 26,5% од анкетираните велат дека или тие или некоја нивна блиска личност при интервју за работа добила прашање дали планира да има деца, што е спротивно на законот.

61,2% од анкетираните велат дека не знаат дека некој добил вакво прашање.

69,6% од анкетираните велат дека не познаваат некој кој бил отпуштен од работа поради бременоста додека 18,5% имаат информации и за такви случаи.

61,6% од анкетираните сметаат дека жените почесто се жертви на мобинг на работното место. 7,1% сметаат дека мажите почесто се жртви на вознемирување од претпоставениот на работното место додека 31,8% велат дека немаат одговор на ова прашање.

54,9% од граѓаните сметаат дека мажите и жените имаат еднакви можности за професионален развој и напредок, додека 32% се убедени во спротивното.

Кога ќе се направи поделба на одговорите според половата структура резултатите покажуваат дека жените за разлика од мажите во поголемо мнозинство сметаат дека во Македонија полесно ќе напредуваш доколку си од машки пол.

Па така, 41,6% жени се на став дека мажите и жените во Македонија немаат еднакви шанси за професионален напредок, додека 44,5% се убедени во спротивното.

Кај мажите, дури 65,7% сметаат дека полот не играа улога кога станува збор за шансите за професионален напредок, додека само 22,1% се убедени во спротивното.

49% од анкетираните сметаат дека и мажите и жените се рамноправно застапени во јавниот сектор додека 34,1% се убедени во спротивното.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена во периодот од 28 до 31 јануари врз репрезентативен примерок од 1083 испитаници.

Детектор анкета: Речиси половина од граѓаните сметаат дека има доволно жени во политиката

Без малку половина од граѓаните поддржуваат позитивна дискриминација за да се зголеми бројот на жени во политиката, покажува најновата анкета која за Детектор ја подготви Институтот за политички истражувања Скопје. Според неа, 45,9% од анкетираните даваат зелено светло за позитивна дискриминација за да се зголеми бројот на жени во политиката додека 36,7% се против овој чекор.

46,7% од анкетираните сметаат дека во македонската политика има доволно жени додека 41,7% сметаат дека треба да има повеќе.

Институтот за политички истражувања во периодот од 28 до 31 јануари спроведе телефонска анкета по нарачка за Детектор. Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок од 1083 испитаници.

Детектор анкета: Мнозинството граѓани со став дека при развод мајката треба да ги добие децата

Мнозинството граѓани сметаат дека во интерес на детето е при развод, старателството да и припадне на мајката. Најновата анкета која Институтот за политички истражувања Скопје ја спроведе по нарачка на Детектор покажува дека ваков став имаат 58,8% од анкетираните додека 23,6% го мислат спротивното.

Поделбата на резултатите од анкетата според половата структура на испитаниците покажува дека кај жените дури 71,5% сметаат дека при развод подобро за детето е старателството да го добие мајката додека само 14,4% немаат таков став.

Кај мажите одговорите се поделени. 45,8% од анкетираните мажи сметаат дека подобро за детето е по разводот тоа да продолжи да живее со мајката додека 33,2% не мислат така.

Институтот за политички истражувања во периодот од 28 до 31 јануари спроведе телефонска анкета по нарачка за Детектор. Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок од 1083 испитаници.

Поврзани новости