Половина милион граѓани ќе бидат целосно вакцинирани во август

by fokus

Засега не се планираат рестрикции на границите и во организирањето помасовни настани, но можно е од есен да ги има за невакцинираните граѓани. Се размислува за ограничувања од септември или октомври за оние што не примиле вакцина, најави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Во пресрет на новата учебна година, од средината на август ќе има интензивна кампања за вакцинирање на вработените во училиштата и во градинките кои, како што рече, се најкритичните и најбитните сектори за да може нормално да работат од септември.

Филипче повторно апелираше до граѓаните дека вакцинирањето е единствен начин да се смени сликата за пандемијата, притоа посочувајќи дека само 0,02 е процентот на заболени од Ковид-19 кои се целосно вакцинирани.

– Од вкупно 330 илјади ревакцинирани, 92 пациенти се заболени од Ковид-19. Ова е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината, додаде Филипче.

Тој оцени дека процесот на имунизација се одвива прилично добро и дека до денеска се очекува надминување на 500 илјади лица кои примиле барем една доза, така што до крајот на август половина милион граѓани ќе бидат целосно имунизирани. Ревакцинирани (со двете дози од антиковид-вакцината) сега се над 330 илјади. На теренската вакцинација досега се вакцинирани околу 200 илјади лица – просечно помеѓу три и пет илјади дневно.

Поврзани новости