Полициски црн хумор во Неготино направи паника: Бараме четиригодишно дете!

by fokus

Неготинчани се во паника откако полициски службеници на влезот и излезот од градот, кои што ги запираат и проверуваат возилата, им кажале на возачите дека бараат четиригодишно дете кое што било пријавено за исчезнато.

Возачи кои што биле запрени, легитимирани, и во чии што возила бил извршен претрес, ни ја потврдија веста, додавајќи дека полициските службеници единствено им кажале дека го бараат детето, но не откриле повеќе детали. Тие потврдија дека имало цела колона од автомобили, комбиња и автобуси, и во сите се вршела проверка.

Веста за исчезнатото дете молскавично се прошири низ Неготино, мирен град со околу 20.000 жители, а граѓаните во шок коментираа дека досега не паметат да се случило вакво нешто.

Со цел да ја провериме веста која што го потресе градот, се обративме до Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

,,Во полициската станица нема пријавено такво нешто. Вистина е дека имаме засилени акциски контроли, значи запирањето и проверката на возилата е дел од редовните активности кои што се практикуваат околу два пати неделно. Тоа што некој од полицајците си направил ,,филм’’ со приказна за исчезнато дете, значи е само нечиј филм, или пак начин да се пошегува со возачите’’ – ни изјави тој во телефонски разговор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости